Германско-француски ривалитет во косовскиот спор

Среда, 08 Мај 2019 | Прочитано 173 пати.

Германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Франција, Емануел Макрон, на самитот во Берлин лично се заложиле да бидат директно вклучени во дијалогот меѓу Белград и Приштина, доколку Косово привремено се откаже од царинските такси за производите од Србија, објави „Блиц“, повикувајќи се на дипломатски извори.

Во исто време кога се проширија информациите за поактивното учество на Франција и Германија во решавање на српско-косовскиот спор, Маја Коцијанчиќ, портпаролката на Федерика Могерини, еврокомесарката за надворешна политика, нагласи дека нејзината шефица останува единствен посредник во дијалогот меѓу Белград и Приштина, но додаде дека во овој процес може активно да се вклучат од Берлин и особено од Париз.

Белградскиот весник „Блиц“ го пренесува текстот на „Блумберг“ во кој се анализира француско-германскиот скриен ривалитет во преземањето на приматот во креирањето на европската политика, особено по изборот на Емануел Макрон за претседател на Франција во 2017 година. Тој на власта дојде со помош на проевропската политика и на антидесничарскиот билет. Неговата амбиција да ги продлабочи врските во Европа во многу области беше заменета со непромислени политики и нејасни ветувања, по што почетната поддршка од Меркел почна да станува послаба. Обидите германско-француските односи да се користат како темел на обединета Европа набргу спласнаа, по сѐ поочигледните разлики меѓу Берлин и Париз. Разликите во нивните ставови беа видливи со начинот на управување на брегзит, со одговорите на трговските закани на Доналд Трамп, како и за засилување на заедничката европска валута.

Некои од тие разлики се стари со децении. Високата потрошувачка и високото оданочување се судираа со посветеноста на Германија за штедење, кон структурални реформи. Тие се различни и во политички аспект. Франција се залага за европска интеграција, а Германија бара од својот сосед да ја среди сопствената економија.
Политичките поени што ги постигна во Берлин во соработка со Меркел не поминаа како што беа очекувањата на Макрон. Француско-германското партнерство, кое има за цел оживување на проектот на ЕУ, е доста критично, наспроти сите компромиси и пропусти.

Макрон од минатата недела се обрати со остар тон кон Германија, со што призна дека неговите домашни проблеми се најизразени сега, особено кога неговата кампања за мајските европски парламентарни избори не му оди добро. Според анкетите, десничарката Марин Ле Пен води во Франција. Неговото решение за намалување на тензиите поради „Жолтите елеци“ се состоеше во давање 15 милијарди евра и намалување на даноците, што беше сериозна закана за берлинските банкари, пишува во анализата на „Блумберг“.

[назад]
loading...
Коментари