Грчкиот парламент го прифати Протоколот за членство во НАТО на Република Северна Македонија

Сабота, 09 Фев 2019 | Прочитано 257 пати.

Со 153 гласа на пратениците на владејачката Сириза, коалициските партнери и неколку независни пратеници го усвоија протоколот. Опозициската Неа демократиа собрa недоволни 143 гласа.

Сега треба Грција и официјално да ја извести Македонија дека го ратификувала Протоколот за членство во НАТО, по што ќе следува размена на ноти помеѓу двете влади. Потоа двете држави треба да ги информираат ООН и сите останати меѓународни организации дека новото уставно име на Македонија ќе биде Република Северна Македонија. Во информацијата ќе стои дека разликите за името наведени во Резолуциите 817 и 845 се надминати и дека Договорот од Преспа стапува во сила.

Од Владата информираат дека во тек се подготовките за замена на таблите на граничните премини, на владините институции и на дипломатско-конзуларните претставништва.

Веќе наредната недела на владината зграда ќе треба да пишува „Влада на Република Северна Македонија“.

Од денеска почнуваат да важат и овие одредби од Преспанскиот договор:

„Доколку која било од страните верува дека еден или повеќе симболи што претставуваат дел од нејзиното историско или културно наследство се користат од другата страна, ќе ја извести другата страна за таквото наводно користење, а другата страна ќе преземе соодветни корективни мерки за ефикасно решавање на прашањето и обезбедување почит кон споменатото наследство“.

Македонија има рок од шест месеци да го преиспита статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктури на нејзината територија, „и доколку тие на кој било начин се однесуваат на античката историја на Грција и на цивилизацијата што претставува интегрален дел од историското или културното наследство на Првата страна, ќе преземе соодветни корективни мерки за да може ефективно да се реши прашањето и да се обезбеди почитување на наведеното наследство“.

Секоја страна ќе се придржува кон препораките на Конференцијата на Обединетите нации за стандардизација на географските називи во врска со употребата на официјалните географски називи и топоними на територијата на другата страна, со што ќе ѝ се дава приоритет на употребата на ендонимите пред егзонимите.

За еден месец ќе треба да се формира и заеднички стручно-дисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, со цел да се разгледа објективната, научна интерпретација на историските настани базирани на автентични, базирани на докази и научно цврсти историски извори и археолошки наоди.

Овој комитет ако смета дека е соодветно, ќе ги ревидира учебниците и училишните помошни материјали, како што се мапи, историски атласи, наставни водичи, кои се користат во секоја од страните, во согласност со принципите и целите на УНЕСКО и Советот на Европа.

[назад]
loading...
Коментари