Харадинај подготвува нови мерки за Србија

Среда, 05 Дек 2018 | Прочитано 189 пати.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, по воведувањето на царините од 100 отсто, најави дека следниот потег на Приштина може да биде „реципроцитет на однесувањето на Србија“.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај кажа дека воведувањето на царините не е мерка што ја измислило Косово.


– Царините како инструмент ги користи и претседателот на САД Доналд Трамп. Тоа е познат инструмент, се користи во многу држави во светот. Тоа не е инструмент што ние сме го измислиле – изјави Харадинај за приштинската телевизија Клан Косова.
Според косовскиот премиер, увозот на стока од Србија по воведувањето на царините е нула и додаде дека се решени да не дозволат увоз во Косово на стока со натпис Косово и Метохија.


Харадинај наведе дека со аргументите што довеле до воведувањето на оваа мерка ги запознал сите земји од ЕУ и дека копија од тоа писмо завчера му дал и на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.


Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ситуацијата по повод приштинското воведување на сто отсто царина на увозот на стока од Србија ја нарече „најтешка во минатите десет години“, или од случајот на мигрантската криза, кога тогашниот премиер на Хрватска забрани влез на камиони и комбиња од Србија.


Тој по седницата на Советот за национална безбедност повтори дека сака да верува дека целата ситуација ќе заврши мирно, дека Србија ќе даде свој целосен придонес за „смирување на страстите“, како и дека се надева оти некоја од европските сили „ќе има сила и волја да ги смири“ властите во Приштина.
Одговарајќи на прашањето на новинар што ќе се случи ако не се повлече одлуката за царините, Вучиќ рече дека последиците ќе бидат „катастрофални и разорни за односите во целиот регион“.

[назад]
loading...
Коментари