„Нам ни држите лекции за слободи, а молчите за смртта на Морси во пучистички суд“

Четврток, 20 Јун 2019 | Прочитано 466 пати.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека оние кои на Турција ѝ држат лекции за правдата и слободите, молчат за фактот што смртта го затекна Морси во пучистички суд, јавува Anadolu Agency (AA).


„Оние кои нам ни држат лекции за правото, правдата и слободите, не проговоруваат за фактот што во пучистички суд умре претседател кој е избран со 52 отсто гласови на египетскиот народ. Ние на тоа нема да молчиме“, порача Ердоган.


Тој нагласи дека Турција ќе настојува да ја расветли сомнителната смрт на соборениот египетски претседател за време на судењето во понеделникот.


„Ние [Турција] ќе се бориме за разјаснување на случајот [смртта на Морси], со сите можности што ги нуди меѓународното право“, изјави Ердоган на брифинг за новинарите во Истанбул.


Тој, исто така побара истрага на Обединетите нации (ОН) за ненадејната смрт на првиот демократски избран претседател на Египет.


„Верувам дека Обединетите нации (ОН) сигурно ќе ја стават на агендата сомнителната смрт на Морси, и ќе побараат одговорност од одговорните“, рече Ердоган.


Морси (67) почина во понеделникот, откако изгуби свест во посебниот дел за притвореници во судницата, во текот на судењето за „шпионажа“. Активистите и неговото семејство долго време говореа дека тој не добива медицинска помош за неговите здравствени проблеми, вклучувајќи го и дијабетесот.


Морси, еден од водечките членови на египетското „Муслиманско братство“, беше соборен од функцијата претседател и затворен по воениот удар што го предводеше тогашниот министер за одбрана, а сегашен претседател Абделфетах ел Сиси, по само една година на функцијата.


„Ние никогаш нема да дозволиме трагедијата на Морси да биде заборавена, исто како што сторивме и за убиството на [саудискиот новинар] Џамал Кашоги“, додаде Ердоган.


Кашоги беше убиен минатиот октомври, а неговото тело исечено на парчиња од група саудиски оперативци кратко по неговото влегување во саудискиот Конзулат во Истанбул.


Ријад понуди разни, контрадикторни наративи за да го објасни неговото исчезнување, пред конечно да признае дека тој бил убиен во зградата на дипломатското претставништво, префрлувајќи ја вината врз неуспешната операција за испрашување изведена од агентите.

[назад]
loading...
Коментари