Рама: Опозицијата си игра со судбината на земјата

Среда, 26 Јун 2019 | Прочитано 95 пати.

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека опозицијата во Албанија си игра со судбината на таа земја.


Тој го оцени повикот на опозицијата на бојкот на локалните избори на 30 јуни како антинационален план во насока на блокирање на зачленувањето во ЕУ.


Рама на изборниот митинг во северниот албански град Тропоја кажа дека опозицијата „вреска“ зашто се плаши од правдата, која треба да важи за секого кога ќе се отворат преговорите со Европска Унија.


„Тие врескаат од страв, чувствуваат голем страв од отворањето на преговорите со ЕУ зашто со отворањето на преговорите со ЕУ почнува ново поглавје“, рече албанскиот премиер.


Коментирајќи ги односите со претседателот на Албанија Илир Мета, тој рече дека „Мета презеде институционално насилство и фрлаше молотови коктели врз институциите, Америка и Европа“.


Рама во Тропоја беше дочекан со протест, дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата. Според наводите на медиумите, за безбедноста за време на престојот на премиерот во тој град биле ангажирани преку илјада полицајци.


Освен во Тропоја, Рама одржа изборен митинг и во Кукс.


Албанскиот Изборен колегиум пред два дена не ја уважи одлуката на претседателот Илир Мета за одложување на локалните избори во таа земја и ја потврди одлуката на Централната изборна комисија за одржување на изборите што првобитно беа закажани за 30 јуни.


Политичката и институционална криза во земјата се разбуди кога албанскиот претседател Илир Мета реши да го одложи изборниот процес, велејќи дека нема да дозволи одржување избори без опозицијата, и изрази стравување од потенцијални граѓански судири среде масовните протести на опозицијата.


Лидерот на најголемата албанска опозициска партија, Демократска партија, Љуљзим Баша ги повика граѓаните да ги бојкотираат локалните избори на 30 јуни, додавајќи дека тие избори нема да бидат признаени.


Тој ги повтори условите на опозицијата за надминување на кризата, а тоа е казнување на тие што, како што тврди, ги украдоа гласовите на претходните избори, и заминување на премиерот Еди Рама.


„Напуштете ги неговите олигарси, неговите медиуми и неговите политички слуги. Кренете го гласот против нив. Протестирајте против нив. Запрете ги. Не им верувајте на пропагандата на Еди Рама и на неговите лаги. Отфрлете го Рама морално, духовно, а пред сè политички“, им порача Баша на албанските граѓани. Лидерот на албанската опозиција напомена дека се врши „невиден терор“ врз граѓаните за да излезат на изборите, врз вработените во администрацијата, врз малите бизниси.


„Ве повикувам да не бидете дел од оваа фарса, која им служи само на криминалот и на личното владеење на Еди Рама. Овие избори се нула. Тие нема да бидат признаени“, додаде Баша.


Тој истакна дека тој и обединетата албанска опозиција ќе направат сè што можат против, како што рече, оваа незаконска и криминална фарса.


„Ве уверувам дека крајот на Еди Рама е сè поблиску. Ве уверувам дека Албанија има можност и сила да излезе од оваа ситуација и да почне да гради достоинствена иднина, како и секоја друга европска земја“, заклучи Баша.

[назад]
loading...
Коментари