Тачи јавно се дистанцира од идејата за поделба на Косово

Вторник, 13 Фев 2018 | Прочитано 177 пати.

Косовскиот претседател Хашим Тачи, за кого се тврди дека се согласил со идејата за поделба на Косово, попладнево изјави дека „идејата е далеку од неговиот ум и институциите во Косово“.


На заедничката прес-конференција со словенечкиот претседател Борут Пахор, кој е во дводневна официјална посета на Прштина, Тачи изјави дека ваквите идеи не носат ни мир, ни стабилност и оти тие не се на косовските институции.


Според него, идеите за поделба на Косово постоеле и порано,но тие, оцени тој, се штетни и дестабилизирачки за Косово.


– Ова е нешто мртво. Имаше идеи за поделба порано,но јас бев јасен,почитувањето на територијалниот интегритет е повеќе од значаен. Прашувате за вмешаност на Албанија.Тоа не е потребно. Косово е суверена земја и сама одлучува. Греши оној кој мисли дека ние дискутираме за Косово преку Албанија, посочи Тачи.


Новинарот Берат Бужала деновиве пишуваше дека косовскиот претседател Хашим Тачи, албанскиот премиер Еди Рама и лидерот на ДУИ, Али Ахмети разговарале за промена на границите на Балканот.


Тој објасни дека едно такво сценарио ќе важи само за промена на границите на Косово, но не и за другите балкански земји.


– Претседателот Тачи, премиерот Рама и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, разговараа во Тирана за поделбата на Косово, за исцртување на границите на Балканот и слични идиотизми. Такво нешто, такво сценарио, нема да ги менува границите ни една друга држава, освен границите на Косово, напиша Бужала, на својот профил на „Фејсбук“, при тоа цитирајќи го вице- премиерот на Австрија, кој предложил автономија за северниот дел од Косово.


– Како резултат на тоа, ќе имаме такви реакции, како онаа на заменик премиерот на Австрија, додава Бужала.


Весникот „Експрес“ наведува дека австрискиот заменик канцелар предложил „право на самоопределување“ за северниот дел на Косово.


– Во петокот навечер политичката класа во Косово, под диригенство на претседателот Хашим Тачи, откако не успеа да го укине Специјалниот суд, почна со нова авантура,толку опасна,уште повеќе сомнителна: поделба на Косово со Република Србија.Се подразбира оваа идеја на почеток ќе се обидат да ја прошверцуваат во јавноста како размена на територии, пишува приштински „Експрес“.


Поранешниот шефот на косовската дипломатија, Скендер Хисени, изјавил дека промената на гранците не може да биде без трагедии и загуба на човечки животи.


– Промена на границите или размена на територии неодминливо носат и нови војни а се предлози на политички авантуристи, изјавил Хисени.

[назад]
loading...
Коментари