Турците го смирија Трамп, го купуваат и рускиот ракетен систем С-400 и американскиот авион Ф-35

Вторник, 16 Апр 2019 | Прочитано 201 пати.

Турскиот министер за финансии Берат Албајрак се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп и соопшти дека првиот човек на САД заземал разумен став околу турската набавка на рускиот ракетен систем С-400, јавува Ројтерс повикувајќи се на турската телевизија НТВ.

Агенцијата додава и дека Си-ен-ен Турк пренесе дека Албајрак им кажа на новинарите дека е постигнат договор за време на неговите средби во Вашингтон да се зголеми билатералната трговија меѓу САД и Турција на 75 милијарди долари годишно.

Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар вчера кажа дека тоа што Турција го купува од Русија системот С-400 не би требало да биде причина за американски санкции бидејќи Анкара, како што истакна, не е ривал на Вашингтон и останува посветена на НАТО.

Акар на конференција во Вашингтон кажа дека Турција очекува да остане не само еден од купувачите на борбените авиони Ф-35, туку и една од партнерските земји кои учествуваат во неговото производство, и покрај предупредувањето од САД дека може да биде исклучена од проектот Ф-35 ако го купи рускиот противвоздушен систем, пренесува Ројтерс.

Турскиот министер за одбрана додаде и дека неговата земја внимателно ја проучува понудата од САД да го купи американскиот противвоздушен систем „патриот“.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков кажа дека Русија го поддржува цврстиот став на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган , како одговор на притисокот на Соединетите Држави врз Анкара околу договорот за купување на С-400.

Тој за руската телевизија Русија 1 кажа дека притисокот на САД е без преседан.

[назад]
loading...
Коментари