Долгот на МЈП „Проаква“ Охрид постојано се намалува

Четврток, 03 Јан 2013 | Прочитано 429 пати.

Долгот на МЈП „Проаква“ Охрид во моментов изнесува околу 20 милиони денари, но тој во континуитет се намалува согласно финансиските можности на претпријатието, вели директорот Златко Старкоски кој објаснува дека долгот е резултат на инвестиционите зафати во руралните средини кои се вршеле во текот на минатите неколку години.

Првиот човек наМЈП „Проаква“ Охрид објаснува дека се прават напори да се исплати и  долгот кон ЕВН Македонија, со чии служби се во постојан контакт.

-    Надлежните во ЕВН ја знаат нашата состојба и се прават напори долгот да се исплати. Но, тоа не може да се направи со еден потез, затоа ќе се решава дел по дел. Со ЕВН имаме договор за одложено плаќање и нема никаква опасност, поради долгот, градот да остане без снабдување со вода, потенцира Старкоски.

Нагласува дека финансиската состојба на претпријатието значително би се подобрила доколку се реализирала одлуката за зголемување на цената на водата, што беше изгласана од страна на советот на општина Охрид, но не и од страна на струшките советници. Поради тоа, претпријатието само во текот на 2012 година претрпело загуба од 10 милиони денари.

-    Во 2012 не можам да кажам дека постигнавме некои поголеми резултати од причина што немаше корекција на цената на водата што би значело многу за подобрување на финанскиската состојба на претпријатието. Ова пред се поради фактот што истовремено цените на горивата и електричната  енергија постојано се зголемуваа . Сепак ќе потенцирам дека нашите основни дејности беа извршувани беспрекорно, градот беше снабдуван со квалитетна вода според сите стандарди, сите дефекти кои се појавуваа се санираа веднаш, вели директорот на МЈП Проаква- Охрид.

Како позначајни зафати кои се реалзиирале во текот на изминатата година Старкоски ги потенцира зафатите за промена на водомерните броила во село Лескоец, поставувањето на нова пумпа и промена на водоводните броила во селата Вапила и Ливоишта , водоводот  во село Горно Лакочереј, санацијата  и средувањето  на дел од објектите во претпријатието, реновирањето на резервоарот Студенчишта, пумпната станица Метропол и Орман каде е извршено електронско поврзување на пумпите.

Поради ограничените финансиски можности, поголемите инвестициони зафати меѓу кои и набавката на водомерните броила со електронско читање и обновувањето на водоводната мрежа на неколку улици во градот, годинава ќе одат на товар на локалната самоуправа. 

[назад]
loading...
Коментари