Охрид со чорба од 3,3 тони ќе се бори за Гинис

Недела, 20 Јан 2013 | Прочитано 318 пати.


Празникот Водици и Богојавленските чествувања во Охрид продолжуваат и денеска на Соборот на Свети Јовен Крстител, со капењето на рибарите, како продолжение на веќе воспоставената традиција на тој начин да се одбележува завршувањето на забраната за риболов на Охридското Езеро после зимскиот мрест на рибата.



Како и изминатите, така и оваа година за Денот на рибарите е предвидена богата културно-забавна програма, со староградска музика, греано вино, топла ракија, пржени плашици и три буриња вино за највештите пливачи кои ќе влезат во езерото.


Атракција оваа година ќе биде обидот на Охрид за влез во Гинисовата книга на рекорди, со приготвени 3,3 тона рибна чорба. Чорбата ја подготвуваат професори и ученици од средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ од Охрид, а потребните намирници ги обезбеди фирмата „Дасс инженеринг“.


За подготовка на чорбата за Гинис ќе бидат употребени 500 килограми лосос, 200 килограми ослиќ и 150 килограми калифорниска пастрмка, како и 140 килограми морков, 50 килограми целер, 20 килограми пашканат, 110 литри масло, 100 килограми брашно за запршката, 200 врзалки магдонос и 20 килограми зачин и сол.


Спонзорот на приготвувањето на чорбата, Сандре Трпкоски од „Дасс инженеринг“ изјави дека очекува со оваа чорба да се постине рекорд, а веќе најавува дека за иднината година ќе се оди на недостижен рекорд од пет тони чорба.


Прославувањето на Богојавление – Водици и фрлањето на крстот во езерото во Охрид има долгогодишна традиција, последните десетина години популаризирана преку Здружението на граѓани за афирмација на МПЦ „Богојавление“ кое преку редица активности се обидува манифестацијата на фрлањето на крстот и Денот на рибарите да ја претвори во најмасовна во православниот свет. 


[назад]
loading...
Коментари