Охридскиот Центар за јавно здравје со препораки за заштита од грипот

Понеделник, 11 Фев 2019 | Прочитано 272 пати.

Охридскиот Центар за јавно здравје излезе со препораки до граѓаните за заштита од грипот кој пристигна и кај нас.

Февруари е месец кога вирусот на грип зема силен замав. За да го надмудрите и избегнете овој непријател на Вашето здравје, дознајте ги фактите за грипот и следетете ги препораките и советите, порачуваат од Центарот за јавно здравје Охрид.

– Грипот е сериозна болест која започнува наеднаш, со висока температура, главоболка, болки во зглобовите и мускулите, омалаксалост, а потоа со симптоми на дишните органи, кашлање, кивање, болка во грлото, „течење“ од носот. Грипот може да ги искомпликува постоечките болести кај хроничните болни, а можат да се појават компликации и кај други чувствителни лица и да дојде до загрозување на животот на болниот.

– Грипот го предизвикува вирус кој е многу променлив, па затоа од грип може да се заболи повеќе пати. Вирусот најчесто се пренесува преку воздух, каде доаѓа од заболено лице со кивање и кашлање и во воздухот може да остане до неколку часови. Освен преку воздух вирусот на грип може да се пренесе и „преку“ раце и други предмети на кои се наоѓаат ситни честици на секрет од заразеното лице (кашлање и кивање во раце или незаштитено кашлање и кивање во околината).

Со преземање на мерки на самозаштита од грип може да го намалите ризикот за своето здравје и здравјето на другите. Иако вакцинација против грип е најдобрата и незаменлива превентивна мерка, треба да се придржуваме и на останатите мерки на превенција како што се: избегнување на контакт со лица заболени од грип, избегнување на подолго задржување во затворени простории во кои има поголем број на луѓе, заштита на устата и носот при кивање и кашлање со користење на марамчиња за еднократна употреба и редовно и често миење на рацете со вода и сапун.

– Важно е да се одржува и хигиената на просториите во кои се престојува со соодветно загревање и проветрување. Облекувањето треба да се приспособи на условите и да не се дозволува разладување на организмот. Исхраната треба да се приспособи на потребите, а не на желбите (доволен внес на свежо овошје и зеленчук), а организмот треба да се одржува во добра физичка кондиција.

Овие мерки придонесуваат за зголемување на отпорноста на организмот и потребно е да се практикуваат постојано. При појава на симптоми на болеста, потребно е да се остане дома, да се користат средства за ублажување на симптомите (лекови против температура и болка, за ублажување на кашлањето и „течење“ од носот, витамини, минерали и топли напитоци).

Доколку за 2-3 дена не дојде до подобрување, потребно е да се јавите кај својот матичен лекар, а доколку се јави болка во градите и отежнато дишење, веднаш јавете се кај вашиот лекар. 

извор: Ohridpress.mk

[назад]
loading...
Коментари