По пет децении ќе се ревидира регулацијата на нивото на Охридското Езеро

Вторник, 10 Апр 2018 | Прочитано 967 пати.

Иако Охридското Езеро е прогласено за светско природно наследство заштитено од УНЕСКО, тоа со децении се користи како акумулација за производство на електрична енергија. Испустот на вода од езерото во реката Дрим по чие течение има повеќе хидроелелктрани на македонска и албанска територија се уште се регулира рачно со дрвени прегради, а дозволените разлики во нивото на езерото не се ревидирани од седумдесеттите години на минатиот век. Големите осцилации во нивото на езерото имаат последици како по инфраструктурата, така и по живиот свет.


Сите дрвени прегради на испустот на Дрим деновиве се отворени, а од Охридското Езеро во реката се испуштаат максимални количини вода со цел да се ублажат последиците од зголеменото ниво на езерото кое и натаму е над максимално дозволената граница при големи води од 694 м.н.в. предвидена со водостопанската дозвола на ЕЛЕМ, кој според податоците на комапнијата оваа зима бележи зголемување во производството на електрична енергија од околу 40 %. Надојденото Езеро значително ги намали површините на плажите, а дел од нив претрпеа и штети.


-На источното крајбрежје водата е зголемена значително и буквално немаме плажи. Песокот го однесоа брановите, остана само тревата. - вели концесионер на плажа во Лагадин.


Зголеменото ниво на езерото предизвика големи штети и на угостителките објекти во центарот на Охрид. Експертите предупредуваат дека вакви екстремни осцилации на нивото на Охридското Езеро, кои крајно штетно влијаат и на живиот свет, ќе има и во иднина доколку не се промени начинот на управување со езерото кое со децении се третира и користи како акумулација за производство на електрична енергија, за што е отворен процес во рамки на Дримскиот проект.


-Се додека не се направи договор за управување со Дримскиот басен нема да може квалитетно да се управува и да се регулира нивото на Охридското Езеро. Додека не се решат овие прашања секогаш ќе имаме проблеми. За тоа да се оствари неопходна е соработка меѓу двете енергетски компании ЕЛЕМ и КЕШ, која во рамки на Дримскиот проект ја започнавме, меѓутоа се уште треба да се работи на заеднички меморандум и размена на податоци кои понатаму ќе бидат употребени за квалитетно управување и со нивото на Охридското Езеро и со Дримскиот басен. - изјави Дејан Пановски од Трансграничниот проект за управување со Дримскиот басен.


ОД АД ЕЛЕМ тврдат дека стопанисуваат со водните ресурси на Охридското Езеро во согласност со водостопанската дозвола и дека истекот се регулира според хидролошката состојба.


-Истекот од Охридско Езеро не се пресметува според потребите за производство на електрична енергија, туку се менува во зависност од дотеците, за да се задржи нивото на езерото што поблиску до просечното, а да се задржи кривата на траење на природните осцилации.- истакнуваат од АД ЕЛЕМ.


Испустот на Охридоското Езеро се регулира согласно заклучоците од симпозиумот за овој природен воден ресурс одржан во далечната 1971 година. Тогаш било заклучено дека езерото не смее да се користи само како акумулација туку задолжително треба да се следат неговите осцилации кои треба да се движат помеѓу природниот минимум од 693 10, и максимумот од 694 м.н.в. По речиси пет деции овие параметри ќе бидат предмет на стручна ревизија во рамки на Дримскиот проект во чиј склоп во мај ќе се одржи експертска средба за изработка на план за управување со сливот на Охридското Езеро.


извор:OhridNews

[назад]
loading...
Коментари