Почна со работа иновативниот центар на ФТУ

Сабота, 08 Јун 2019 | Прочитано 1,310 пати.

Во просториите на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, вчера, почна со работа иновативниот центар кој има за цел поддршка на претприемачите од регионот.


Како што истакнуваат вклучените во проектот, идејата е преку центрите да се запознаат претприемачите, младите луѓе со можностите за аплицирање за средства од ЕУ за развој на нивните идеи при креирање на нови компании и старт ап центри.




  • Ваквите иновативни простории, каде што треба да се случуваат развојни процеси, се всушност точки од каде во еден град или универзитет тргнуваат процесите на развој на нови технлогии и иновативност. Денес, знаењето и иновативноста се основни двигатели на едно општество. Сведоци сме дека многу од земјите кои пред 20 години биле неразвиени, преку иновативност и развој на нови технологии, а пред се преку вложување во знаењето во образованието, денес стигнале на врвот на светскиот развој, вели ректорот на универзитетот Св.Климент Охридски, проф. Д-р Сашо Коруноски.


Утре ќе биде објавен и Јавен повик за финансирање на проекти за новоосновани трговски друшта „старт-ап“ и „спин-оф“, од југозападниот регион.  Инструментот е наменет за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“, како и микро и мали претпријатија од Југозападниот регион кој ги вклучува следниве општини: Центар Жупа, Дебар, Дебарца, Кичево, Македонски брод, Охрид, Пласница, Струга и Вевчани.  Компаниите кои ќе аплицираат, меѓу другото треба да се основани во согласност со Законот за трговски друштва и регистрирани во Централниот регистар на РСМ, да не се постари од три години и да се во мнозинска македонска сопственост.


Целта е да се поттикне иновациската култура преку финансиска поддршка за активности на истражување и развој на нов или подобрен производ, процес, услуга како и да поттикне комерцијализација на резултатите од истражувања настанати во високообразовните, односно научноистражувачките установи.


Од Фондот за иновации и технолошки развој, партнер за реализација на проектот, велат дека очекуваат голем интерес и апликанти.




  • Целта ни е да ги приближиме програмите на ФИТР до младите од југозападниот регион и да ги поттикнеме да развиваат иновативни идеи кои ќе ги преточат во сопствен бизнис. Ова е дел од нашите сеопфатни напори да влијаеме врз негативниот тренд одливот на мозоци и да ги задржиме младите дома. Исто така со ваквите програми сакаме да ги децентрализираме програмите на ФИТР и да придонесеме кон рамномерен регионален развој. Ова е пилот проект кој е финансиран од ЕУ, вели директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски.



Вкупниот фонд е 2 милиони денари, а максимален износ на грант по апликант е 413.122 денари. Износот целосно ќе биде покриен од страна на ФИТР во рамки на Проектот „Иновативен еко-систем во областа на прекуграничната соработка“. Проектите може да траат најмногу до три месеци.


Извор:Ohridnews

[назад]
loading...
Коментари