Советот на Дебрца едногласно против изградба на регионална депонија

Сабота, 14 Апр 2018 | Прочитано 411 пати.

Градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, на денес одржаната прес конференција информира дека Советот на општина Дебрца, едногласно не ја прифатил одлуката за давање согласност за основање на регионална депонија и потребната инфраструктура за Југозападниот плански регион од страна на Владата на Република Македонија.


- Советот на општина Дебрца, како претставнички орган на граѓаните на Дебрца не е против Проектот на Министерството за животна средина и просторно планирање за воспоставување на интегриран и финансиски самооддржлив систем за управување со отпад во Југозападниот плански регион, ниту би бил против преземањето на ингеренциите од страна на Владата на Република Македонија во сосема други околности, туку само во целост ја почитува волјата на граѓаните на Дебрца, изразена преку референдумската одлука, односно јасно изразената волја против предложеното решение, според кое за локација за изградба на регионалната депонија за Југозападниот плански регион се предлага атарот на село Годивје, општина Дебрца, рече Ногачески.


Тој додаде дека не може да се оправда било какво решение за регионална депонија во срцето на Дебрца.


- Сите овие документи за воспоставување на регионален систем за управување во Југозападниот плански регион се донесени во крајно нетранспарентна постапка, без да се слушнат мислењата на засегнатите страни, стручната јавност, еколошките организации и граѓаните. Во нив го нема мислењето на ЈНУ Хидробиолошкиот Завод Охрид, Управата за заштита на културното наследство, Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, Националната комисија за УНЕСКО. И самите документи еден со друг се во колизија. Во Регионалниот план за управување на отпад, изработен во 2016 година, на страница 276 и 277, како локација за депонијата се предлага затворениот рудник за лигнит во Осломеј, Кичево, ( Дебрца воопшто не се споменува), а во другите документи, изработени во 2017 година се предлага Годивје, Дебрца, рече Ногачески.


Градоначалникот потенцира дека во време на се поголема еколошка свест кај граѓаните во светот, несфатлив е еден ваков проект. Ногачески уште еднаш го повикува надлежното министерство да отвори нова дебата и расправа по ова прашање, која ќе биде транспарентна, со вклученост на сите засегнати страни, како и стручната јавност, екологистите, еколошките здруженија и граѓаните да го изнесат својот став. Ги повикува и членовите на Советот и Градоначалникот на општина Охрид јавно да го кажат своето мислење, како што рече, да не заборават дека Дебрца е главната порта за влез во Охрид и дека Дебрца се белите дробови на Охрид.


извор:OhridNews

[назад]
loading...
Коментари