Струга нема пари за дочек, но има за советниците по 500 евра бонус за Нова година

Понеделник, 31 Дек 2012 | Прочитано 386 пати.

Во Струга со години наназад не се организира свечена новогодишна програма на плоштадот, а градоначалникот Рамиз Мерко потенцира дека граѓаните не покажувале интерес за масовен пречек на Новата година.


- Не е предвидена програма во центарот на градот за дочекот на новата година, бидејќи искуствата од годините кога сме организирале такви прослави, покажуваат дека тоа не беше толку привлечно за граѓаните, вели Мерко.


Иако нема да се организира дочек на отворено, сепак, за пречекот на новата 2013-та година од буџетот на Општина Струга се издвоени околу еден милион и четиристотини илјади денари. Од градската каса 600 илјади денари се потрошија  за осветлување и украсување на градот со новогодишни реквизити, а 800 илјади денари им се поделени на членовите на општинскиот совет за дочек на Новата година, така што секој од нив доби по околу 500 евра.


Туристичко-угостителските работници најавуваат дека за време на празничните денови во хотелите вдолж струшкото крајбрежје ќе престојуваат најмногу гости од соседните земји, Србија, Грција, Албанија и Бугарија. Градските кафетерии вечерва и во текот на наредните празнични ноќи ќе организираат слични забави, а цените им се движат од петстотини до седумстотини денари во кои се пресметани по два пијалаци.

[назад]
loading...
Коментари