Во Струга се знае само кандидатот за градоначалник од ДПА, сите други калкулираат

Четврток, 03 Јан 2013 | Прочитано 828 пати.

На нецели три месеци од редовните локални избори, политичките партии во Струга се уште не ги промовираат своите кандидати кои ќе се борат за градоначалничката фотелја во градот на поезијата.


Единствен сигурен кандидат досега е Зијадин Села од редовите на Демократската партија на Албанците. Останатите политички субјекти и понатака тактизираат со кандидатите и евентуалните коалиции за прв човек на општината.


Актуелниот градоначалник Рамиз Мерко за кого се зборува дека ќе се бори за трет мандат не  открива дали неговата кандидатура е и официјално потврдена од централното раководство на Демократската Унија за интеграција.


- Не треба да прејудицираме, ќе видиме и ќе работиме во интерес на сите граѓани, вели градоначалникот Мерко.


За можните договори помеѓу општинските ограноци на политичките партии и понатаму се чека на исходот од разговорите помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои отпочнаа пред речиси два месеци. Од струшкото ВМРО-ДПМНЕ  сметаат дека последните случување во македонскиот парламент нема да имаат големо влијание врз овие разговори.


- Ние сме разговарале со нашите колеги од СДСМ и тие исто како нас се заинтересирани за решавање на овој проблем. Кандидати не сме споменувале, кандидати се споменуваат низ градот, истакнува Момчило Аврамоски од ВМРО-ДПМНЕ.


Од оваа партија додаваат дека тие ќе понудат свој кандидат како заеднички, а одлуката кој ќе биде кандидатот од нивните редови ќе ја донесе Извршниот комитет на партијата.


- Ние ја чекаме одлуката на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и тој што ќе биде избран како кандидат ќе влезе во игра за заеднички кандидат ако за тоа се договориме, но и понатаму сме подготвени да разговараме и да анализираме за сите понудени кандидати, додава Аврамоски.


Струшките социјалдемократи потврдуваат дека имало разговори со ВМРО-ДПМНЕ.


- Тоа беа пред се разговори. Нашата стартна позиција и крајна цел е Струга, потенцира претседателот на општинската организација на СДСМ од Струга, Ристе Ќушкоски.


Оттаму појаснуваат дека поради изгубената доверба во институциите на системот, посебно после случувањата пред и во Собранието на Република Македонија се доведува под знак прашалник учеството на локалните избори. Според нив државата е таа која треба да обезбеди фер и демократско гласање.


- Треба да се почитуваат сите позитивни укажувања. Државата треба да обезбеди фер и демократски избори, да се спречи полнењето на кутии, бидејќи факт е дека во Струга тоа е доста присутно, објаснува Ќушкоски.


Струшката јавност низ која се вртат повеќе имиња очекува идниот градоначалник да ги решава основните проблеми со кои години наназад се соочуваат граѓаните на општината.

[назад]
loading...
Коментари