14 компании добија ХАЛАЛ сертификат

Четврток, 03 Окт 2019 | Прочитано 714 пати.

Министерот за економија Крешник Бектеши присуствуваше на церемонијата на доделување на сертификати на компании кои го имплементирале ХАЛАЛ стандардот во периодот од јануари до јуни 2019 година, настан кој беше организиран под покровителство на Агенцијата за спроведување на ХАЛАЛ стандардот во Македонија.


На церемонијата, предводена од директорот на Агенцијата Муамер Весели, министерот Бектеши истакна дека доделувањето на сертификати за компании кои го применуваат ХАЛАЛ стандардот, за што седма година по ред Министерството за економија доделува субвенции, претставува своевидна потврда за подобрување на конкурентноста на компаниите и „зелена карта“ при обезбедувањето пласман на нови пазари.



„Сакам да потсетам дека оваа иницијатива на Министерството за економија започна во 2013 година со скромен буџет од 500 илјади денари, наменети за кофинансирање на трошоците на компаниите за консултантски услуги за воведување на ХАЛАЛ системот, кои се потребни пред издавањето на ХАЛАЛ сертификатот. Буџетот за финансисрање на сертификација на ХАЛАЛ стандарди се зголемуваше од година во година. И оваа година Министерството за економија продолжи со поддршката на компаниите за сертифицирање на ХАЛАЛ стандард и за оваа намена предвиде средства во вкупен износ од 2.000.000 денари. Средствата се наменети за субвенционирање на 60% од докажаните трошоци за сертификација на ХАЛАЛ систем, но не повеќе од 200.000 денари по апликант“ истакна министерот Бектеши.


Министерот ги повика сите компании и деловни субјекти кои сакаат да го зголемат својот извоз, да настапат на трети пазари, но и да ги подобрат своите услуги за туристите да аплицираат и да ги користат средствата кои секоја година ги одобрува Министерството за економија.



“Од оваа година е отворена можноста и угостителски објекти и хотелите да можат да аплицираат и да добијат ваков сертификат со цел да привлечат туристи од земјите кои имаат вакви стандарди. Тоа ќе помогне за зголемување на бројот на туристи во Северна Македонија, ни и исполнување на бараните стандарди. Министерството за економија заедно со Агенцијата за спроведување на ХАЛАЛ стандарди и понатаму ќе продолжи со поддршката на сите компании да станат се поконкурентни како на домашниот, така и на странските пазари, но и да се зголеми туристичката понуда на земјата“, истакна министерот Бектеши и додаде дека тоа е важно поради фактот што глобалниот ХАЛАЛ пазар се проценува на повеќе од 800 милијарди долари, додека само европскиот над 66 милијарди долари годишно.


Поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи се заблагодари на министерот Бектеши за поддршката која Министерството за економија ја дава на компаниите, на кои им честиташе за добивање на сертификати кои беа доделени во оваа прилика.



 На денешната церемонија беа доделени сертификати за исполнување на ХАЛАЛ стандардите на 14 компании.

[назад]
loading...
Коментари

Македонија