Џафери на средба со Фелекнтшајтн и Мекалистер

Среда, 05 Дек 2018 | Прочитано 132 пати.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, заедно со потпретседателите на Собранието и координаторите на пратеничките групи, денеска оствари средба со претседателот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент,  Дејвид Мекалистер и европратеникот Кнут Флекенштајн.

Претседателот Џафери, посакувајќи им добредојде во Собранието на Република Македонија, искажа благодарност за континуираниот интерес и поддршка на Европскиот парламент и институциите на ЕУ за Република Македонија. Тој ги информираше за актуелниот процес на уставни измени, што произлегува од Спогодбата потпишана меѓу Република Македонија и Република Грција, кој се очекува да биде заокружен во текот на јануари следната година, како и за подготовките за реализација на активностите кои произлегуваат од Планот 18 на Владата на Република Македонија, како логично продолжување на реформите, а се со цел отпочнување на преговори за членство во јуни следната година.

Европратеникот Мекалистер упати јасна порака на широка партиска поддршка од Европскиот парламент за Договорот од “Преспа”. Тој истакна дека земјата е добар пример за регионот и за Европа, правејќи голем пробив во духот на доброседските односи и помирувањето и дека сега останува на Собранието на Република Македонија и на сите политички сили да ги стават во преден план стратешките интереси и цели на земјата, а тоа се евроатлантските интеграции. Во тие напори, земјата ја има целосната поддршка на европските институции.

Европратеникот Флекенштајн, надоврзувајќи се на пораките упатени од страна на Мекалистер, потенцираше дека Европскиот парламент и европските институции исто така мора да ја завршат својата работа во однос на земјите аспирантки за членство во ЕУ и да ги исполнат дадените ветувања. Тој, покрај Договорот од  “Преспа”, ги издвои и преостанатите реформи кои треба да бидат исполнети во делот на судството, услугите, јавната администрација и медиумите.

Соговорниците разменија мислења за формирањето на собраниското интерпартиско тело за помирување и неговата структура, односно работните групи за помирување, интеграција и реформи кои ќе треба да произлезат со конкретни законски решенија во повеќе сегменти, без преминување на црвените линии за владеењето на правото и правната држава, а особено за превенирање на насилството и облиците на насилство за остварување одредени цели во иднина. На крај, присутните се согласија дека Македонија треба да ги отпочне преговорите за членство со ЕУ следната година и заслужува што поскоро да стане членка на Унијата, каде и географски припаѓа.


Извор: press24.mk

[назад]
loading...
Коментари

Македонија