МТСП: Градиме 43 нови објекти на градинки, вложуваме во раниот детски развој

Среда, 07 Авг 2019 | Прочитано 85 пати.

Министерството за труд и социјална политика посветено работи на проширување на капацитетите на детските градинки во Република Северна Македонија и на подобрување на квалитетот на предучилишното образование. Во моментот се градат и опремуваат нови 8, а се подготвува изградбата на уште 35 објекти. Тоа се вкупно 43 нови објекти за градинки распоредени низ целата територија на државата.


Наша заложба е опфатот на деца во предучилишно образование да го зголемиме за 50%. Во изминатите две години отворивме 24 нови објекти, со што се обезбедени дополнителни 1272 места. Годинава за таа намена издвоивме 300% поголем буџет од лани, а нови градинки ќе се градат и преку програмата на Светска Банка, која изнесува околу 15 милиони евра.


Паралелно со инвестициите во инфраструктурата, континуирано работиме на зајакнување на кадарот во градинките и надградување на компетенциите на воспитувачите/чките. Досега обезбедени се 1.400 согласности за вработувања во градинките. Почнувајќи од јунската плата којашто на поголемиот дел од вработените веќе им е исплатена, стручниот кадар во градинките доби зголемување во просек од 16 % што е околу 3.000 денари во нето износ по вработен.


Со проширувањето на капацитетите на градинките и јакнењето на професионалните компетенции на кадарот го подобруваме квалитетот на предучилишното образование. Раниот детски развој е клучен период за когнитивен и емоционален развој на децата, како и за стекнување вештини неопходни за тие да напредуваат во животот. Токму затоа, со секоја инвестиција во предучилишното образование, вложуваме во нашите најмлади, овозможиме подобра иднина за нив и за целото општество.

[назад]
loading...
Коментари

Македонија