Премиерот Заев на „70 години Национална галерија на Македонија

Четврток, 06 Дек 2018 | Прочитано 51 пати.

Претседателот на Владата на Република Македонија, вчера во Даут пашиниот амам се одржа јубилејната манифестација и изложба „Почетоци за паметење“.

На настанот се обрати премиерот Заев и подолу ви го пренесуваме во целост неговото обраќање:


„Посебно ми е драго што во овие денови, кога целото внимание е насочено кон спроведување на клучните политички и општествени реформи, имам прилика да се обратам овде, пред вас и пред целата македонската јавност за одбележување на еден значаен јубилеј - 70 години од постоењето на Националната галерија на Македонија.

Бројот на години за кој сме собрани тука е најдобар аргумент дека делата се потрајни од луѓето, ние сме минливи, но вредностите кои ги оставаме зад себе се вистинските споменици на нашето постоење.
Тоа ја прави оваа Национална установа дом на трајните вредности на уметноста на нашиот народ.  
Со такво должно внимание е исполнет и концептот за оваа изложба со наслов  „Почетоци за паметење 1948-1956“, која се реализира во рамките на одбележувањето на јубилејот  „Седумдесет години Национална галерија на Македонија”.

На изложбата се претставени 150 листови оригинална архивска документација од 1948 до 1956  година кои сведочат за успешната приказна поврзана со формирањето на галеријата, галериската збирка и начинот на раководење.

Ова претставува потсетување и оддавање почит за огромниот вложен напор, не само од страна на тимот кој ја водел Уметничката галерија, туку и од страна на државните институции кои несебично и со голема одговорност дале поддршка и придонеле Националната галерија денес да прерасне во храм на уметноста и двигател на културниот живот во Македонија.

Посебна е врската која ги зближува луѓето на уметноста.
Овде, во Националната галерија на Македонија, од прва рака, со децении може да се почувствува врската помеѓу генерациите истакнати македонски уметници и нас, нивните потомци, и понатаму меѓу нас и нашите потомци.

Националната Галерија на  Македонија, за нас претставува многу битна алка во развојот на меѓуетничкиот и  мултикултурниот дијалог помеѓу разни групи и култури во нашата Република Македонија. Промовира посебно разбирање а со тоа и поголема вредност на нашето колективно културно наследство будејќи дополнително љубопитство еден за друг, за рефлексијата на нашето заедничко општество.
 
Дополнително, оваа и ваквите национални установи, служат и помагаат на идните генерации да се поврзат со историјата и делата на тие кои живееле пред нас.

Националната галерија нa Македонија, и денес, како и пред 70 години, кога е основана, е истовремено неопходна и релевантна институција.

И денес, како и тогаш, свесни сме дека на македонската уметност од светска вредност неопходна и е релевантна заштита, како и да биде изложена на очите на јавноста на достоинствена поставка, како на пиедестал на трајните вредности.

Во спротивно овие безвременски и исклучително вредни артефакти ќе бидат нечии лични колекции или едноставно изгубени во времето.

Или поедноставно речено, без Националната галерија на Македонија, несомнено ќе ја изгубиме градбената врска со нашето културно минато.

Дозволете ми уште еднаш да го честитам овој јубилеј и да си посакаме сите, без разлика на времињата во кои живееме, да не забораваме дека делата кои ја отсликуваат вистинската природа и душата на нашиот народ, се вистински и бесмртни.

Тие, го заслужуваат нашето неподелено внимание и заедничка грижа, обединувачка како самата уметност, која е рефлексија на нас самите, на тоа кои сме биле, што сме и која ни е идејата за тоа кои сакаме да бидеме.
Нека е среќен јубилејот и посакувам сите да продолжиме да се гордееме со Националната галерија на Македонија.“

[назад]
loading...
Коментари

Македонија