Премиерот Заев: Од огромна поддршка е што во фазата на ратификација на Протоколот за пристапување, точка за контакт на нашата земја со НАТО е пријателска Словенија

Понеделник, 21 Јан 2019 | Прочитано 186 пати.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска прими делегација на Министерството за одбрана на Република Словенија, предводена од министерот Карл Ерјавец.



На средбата, на која присуствуваа и заменик претседателката во Владата на РМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, националниот координатор за НАТО на нашата земја Стево Пендаровски, како и други членови на Кабинетот на Претседателот на Владата, премиерот Заев ѝ посака срдечно добредојде на словенечката делегација и изрази големо задоволство што Амбасадата на Република Словенија е именувана од страна на НАТО за точка за контакт во претстојниот финален процес на зачленувањето на Република Македонија во Алијансата, во периодот кога земјите членки на НАТО ќе ја започнат постапката за ратификација на Протоколот за пристапување на нашата земја во сојузот.



„Ова е особено радосна вест за нашата земја бидејќи покрај нас, во фазата кога земјите членки на НАТО ќе пристапат кон потпишување на протоколот на пристапување на Република Македонија во алијансата, покрај нас ќе имаме докажан пријател и партнер. Република Македонија и Република Словенија има традиционално одлични односи, со постојана взаемна поддршка и соработка. Словенија таа своја определба ја докажа и со поддршката за нашата земја, за нашите аспирации за членство во ЕУ и НАТО, и за време на целиот тој процес ни ја даваше и ни дава безрезервна поддршка“, истакна на средбата претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев.



Тој потоа го запозна словенечкиот министер за одбрана Ерјавец, како и другите членови на неговата делегација, за актуелната ситуација со спроведувањето на Договорот од Преспа во Република Македонија и во Грцијаи нагласи дека очекува успешна завршница во грчкиот парламент, после што ќе следува постапката за прием на нашата земја во НАТО, како и создавање на поволен амбиент за потврдување на договорениот старт на преговорите со ЕУ со отворање на првите поглавја во јули оваа година.



Премиерот Заев и министерот за одбрана на Словенија, Карл Ерјавец, се согласија дека двете земји остануваат посветени на проширување и продлабочување на билатералните односи кои бележат постојан расти дека односите ќе добијат дополнителен поттик со членството на Република Македонија во НАТО што ќе произлезе и од консолидирањето и интензивирањето на политичките реформи, како основа и за економскиот раст на Република Македонија.


[назад]
loading...
Коментари