Премиерот Заев се сретна со Премиерот на Кралството Шведска Лофвен

Четврток, 17 Мај 2018 | Прочитано 221 пати.

Премиерот Заев се сретна со Премиерот на Кралството Шведска Лофвен: Република Македонија направи сериозни позитивни придвижувања во целиот регион и е пример како една мала земја може да биде голема надеж за Западниот Балкан и за Европа


Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, како дел од неговите активности за време на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија, денеска се сретна со премиерот на Кралството Шведска Стефан Лофвен.


Во придружба на Заменик претседателот на Владата на РМ за европски прашања Бујар Османи и на Министерот за надворешни работи Никола Димитров, премиерот Заев го изрази задоволството од блиските политички односи и од взаемното разбирање меѓу двете земји, преточено и во Декларацијата за соработка меѓу Кралството Шведска и Република Македонија, како и со обновените договори за билатерална асистенција на Кралството Шведска за нашата земја.


Премиерот Заев го запозна премиерот на Кралството Шведска Стефан Лофвен со актуелниот политички момент во Република Македонија, и истакна дека Владата на РМ е мотивирана со силна политичка волја да ги спроведе докрај реформите за владеење на правото, за независни и функционални јавни институции во служба на граѓаните и во создавањето услови за слободни медиуми.


На средбата меѓу Претседателот на Владата на Република Македонија Заев и Премиерот на Кралството Шведска Лофвен е потенцирано дека исклучително позитивните чекори што Република Македонија ги практикува во односите со соседите, низ отворен дијалог, посветен на градење на мостови на доверба и на взаемно почитување, ќе даде резултати и во тековните разговори по прашањето на името со Република Грција.


Двајцата соговорници се согласија дека после неусловената препорака за предпристапни преговори на Европската Комисија за Република Македонија, очекуваната одлука за датум за старт на преговорите со ЕУ, што треба да ја донесе Европскиот Совет во јуни, ќе биде новата движечка сила за имплементација и за приоретизирање на реформите во нашата земја.


Премиерот Заев истакна дека поддршката од Кралството Шведска Европскиот Совет на ЕУ, да утврди датум за преговори за Република Македонија ќе спречи стагнирање на реформите и на економските процеси, како и интензивирање на национализмот, и нестабилност во регионот.


На средбата меѓу премиерите Заев Лофвен, е истакнато дека Република Македонија направи сериозни позитивни придвижувања во целиот регион и дека е пример како една мала земја може да биде голема надеж за Западниот Балкан и за Европа.


[назад]
loading...
Коментари

Македонија