Приведен поранешниот градоначалник на Карпош Стевче Јакимовски

Вторник, 19 Март 2019 | Прочитано 135 пати.

Притвор за поранешниот градоначалник на скопската општина Карпош Стевче Јакимовски и уште двајца вработени во општината надлежни за експропријација и за урбанизам побара денеска Обвинителството за организиран криминал. Тие тројца утринава беа приведени од страна на полицијата по што се изведени пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд во Скопје. Приведени се и пет други лица, бизнисмени од градежниот сектор, но за нив Обвинителството ќе бара изрекнување на мерката претпазливост. Повеќе детали за истрагата ќе бидат соопштени во текот на денот.


Неофицијално се дознава дека кривичната пријава се однесува на незаконска легализација на времени објекти на државно земјиште. Според Обвинителството за организиран криминал, таква легализација не смеела да се изврши. Но, ова не била единствена кривична пријава туку имало и други.


Во август минатата година, Јакимовски беше приведен заради сомневање дека заедно со четворица соработници го оштетиле буџетот на општината Карпош за вкупно 36.634.675 денари. На 23 август Финансиската полиција поднесе нова кривична пријава против Јакимовски и уште две лица од градежни фирми, товарејќи ги за бесправно градење. Случајот се однесува на демонтажа на две од старите општински бараки и нивно повторно поставување во дворот на ОУ „Лазо Трповски“ во 2012 и 2013 година.


Извор:skopskoeho.mk

[назад]
loading...
Коментари

Македонија