Северна Македонија ги исполнува критериумите за почеток на пристапни преговори со ЕУ, порача Ципрас

Понеделник, 24 Јун 2019 | Прочитано 88 пати.

Актуелниот грчки премиер, Алексис Ципрас во интервју за третиот канал на државната телевизија ЕРТ цели дека земјава ги исполнува потребните критериуми и реформи за почеток на преговорите со ЕУ и дека одлагањето на пристапните преговори за Северна Македонија беше главно од процедурални причини.


„Климата, како што сфатив, е едногласна перцепција, позиција и став на шефовите на земјите членки на ЕУ, како што беше изразено од Европскиот совет, дека во текот на 2019 и веројатно во октомври, ќе започне пристапниот процес, бидејќи соседот ги исполнува потребните критериуми и реформи. Знаете, отпочнувањето на пристапниот процес секако не значи членство. Има долг пат, многу реформи и многу поглавја да се отворат“, вели Ципрас.


Во интервјуто за ЕРТ3, со седиште во Солун, како што пренесува МИА, грчкиот премиер говорел и за Договорот од Преспа, рекол дека решавањето на името со северниот сосед го зголеми кредибилитетот на Грција и изразил уверување дека и последниот грчки граѓанин што скептично и загрижено гледаше на Договорот или беше против, сега почнува да сфаќа колку овој договор беше важен за националните интереси на Грција.


Овој негов став, Ципрас го поткрепил и со аргументот дека ако не постоел договорот, воздушниот простор на Северна Македонија ќе го надгледуваа турски Ф16 и немаше да има турски Ф16 само во Егејското Море, туку и на северната граница.


„Би сакал да потенцирам дека сите оние кои беа против нас и дури и нѐ нарекоа предавници, денес, сфаќаат колку е важен, за одбрана на нашите национални интереси, фактот дека постигнавме решение на овој проблем и таму каде што имавме ‘трн‘ на нашата северна граница, сега имаме земја пријател, а нашите вооружени сили се таму за да ја поддржат“, рече Ципрас и додаде дека се чувствува целосно оправдан за постигнатиот договор.


Тој говореше и за „големата хипокризија на политичките сили“ во Грција, кои беа против Договорот од Преспа.


„Гледаме дека оние кои ни помалку ни повеќе, тогаш речиси и нѐ нарекоа предавници, ни помалку ни повеќе, говореа за предавнички договор, а сега, господинот Мицотакис што му вели на грчкиот народ? Дека ако биде избран, она што ќе го направи е едноставно да го надгледува верното почитување на овој, меѓу другото, предавнички договор. Ако е предавнички договор, тогаш зошто да го надгледува верното почитување? Гледаме голема хипокризија што не би требало со толку голема неодговорност да ја покажуваат оние кои сакаат да дојдат на одговорни позиции, оние кои се стремат да ја земат судбината на земјата во нивни раце“, вели Ципрас.


Истите аргументи и истите критики до лидерот на Неа демократиа, тој ги спомена и за време на неговиот синоќешен предизборен митинг во Лерин.


„Сакаме една Грција што ќе биде светилник на пријателството, мирот, соработката и единството на народите на Балканот. И сакам одовде од Флорина, да се осврнам на договорот што беше толку навредуван, да се осврнам на историскиот договор што се роди овде во вашиот дел, во историската Преспа. Договор кој ја враќа нашата историја, историјата на античката грчка Македонија и става крај на иредентизмот и национализмот. Договор кој ги зближува двата народа, кои ништо не ги дели. Два народа кои треба да живеат мирно и братски на нивниот заеднички пат кон напредок, просперитет и мир. Овој историски чекор, пријателки и пријатели, ги оправдува илјадниците наши сонародници од вашата област, на кои со децении апсурдноста на национализмот буквално им го уништи животот“, порача Ципрас.


Извор: mkd.mk

[назад]
loading...
Коментари

Македонија