Владина делегација на одбрана на VI-ти Периодичен Извештај по Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација на жената во Женева

Петок, 02 Ное 2018 | Прочитано 82 пати.

Делегација на Владата на Република Македонија, предводена од Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска присуствуваше на одбрана на VI-ти Периодичен Извештај по Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација на жената (Истанбулска Конвенција) во Палатата на Нациите, во Женева, Швајцарија.


Во состав на делегацијата беше и Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, како и пратеничката од Собранието на Република Македонија, Јулијана Николова.



Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената упати честитки за досегашните спроведени реформи и посветеноста на Владата на Република Македонија за родовата еднаквост, елиминација на сите форми на дискриминација врз жената, вклучително и семејно насилство, сексуалното и репродуктивно здравје и права, како и акции спроведени за да обезбедат рамноправност на мажите и жените во поглед на сите економски, општествени, културни, граѓански и политички права.


Г-ѓата Ачар од Турција, која што е неколкугодишен член на комитетот, во своето завршно обраќање потенцираше:


“Би сакала да го употребам ова мое последно обраќање како член на овој комитет да потенцирам дека ми е драго што мојот последен состанок на кој учествувам е со држава на страна на оваа конвенција – таа држава е Македонија – која што покажува толку силен политички ангажман и волја да ги спроведе сите елементи на конвенцијата. Како што знаеме, не секогаш е тоа така, и затоа би сакала навистина да ја пофалам Македонија за покажаната силна политичка волја.“



Министерката Мила Царовска, во своето обраќање истакна дека со конкретни чекори и следни активности покажуваме силна волја, мотивација и посветеност да спроведуваме родово-одговорни политики во партнерство со граѓанскиот сектор.


“Родовата еднаквост е заедничка обврска и приоритет на Владата на Република Македонија. Родовата еднаквост е дел од Програмата за работа на Владата 2017-2020 и исто така е обврска од Агендата за одржлив развој до 2030 година како на национално така и на локално ниво. Tоа e концептот по кој Република Македонија чекори до конечно постигнување на еднаквоста во општеството.”


Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, даде осврт на состојбите во изминатите години кои го уназадија сексуалното и репродуктивното здравје и како последица на тоа имавме висока стапка на мајчина и новороденечка смртност, како и висок процент на смртни случаи како последица на рак на дојка и рак на грлото на матката. Филипче во својот говор истакна:


„Зајакнување на капацитетите со нова и современа опрема, подобрување на условите за работа, користење на експертско знаење и работа со наши стручњаци, воведување на нови онколошки лекови и помагала, осовременување и подобрување на вакцинацијата и реформи на примарната здравствена заштита се мерки кои вродија со плод. Имаме намалување од 7 проценти на новороденечката смртност, работиме на развивање мобилни гинеколошки услуги за ранливите групи на граѓани во руралните места и обезбедуваме ефикасно и ефективно остварување на сексуално и репродуктивно здравје за сите. Со измени на Законот за прекинување на бременоста ќе се оствари правото на жената на безбеден абортус и нејзината волја ќе биде на прво место. Владата на Република Македонија усвои и акциски план за СРЗ 2018-2020 за спроведување на мерки и акции во неколку клучни стратешки цели со кои ќе обезбедиме поврзување на целите и резултатите кои произлегуваат од Агендата за одржлив развој на Обединетите Нации 2030”.

[назад]
loading...
Коментари