Барди го урна митот за „непобедливата“ Барселона

Понеделник, 14 Мај 2018 | Прочитано 573 пати.

Екипата на Леванте во претпоследниот натпревар од оваа сезона во Ла Лига ѝ нанесе пораз на Барселона, со што ја уништи низата од 43 натпревари без пораз на каталонскиот клуб. Со 5 голови во мрежата на Тер Штеген, Леванте стана тимот кој успеал да даде најмногу голови против Барселона сезонава.


Енис Барди го прославува првиот гол против Барселона


Македонскиот репрезентативец Енис Барди постигна два гола во победата на Леванте над Барселона од 5:4.


Екипите на Барселона и Леванте ни понудија максимално уживање и вкупно 9 гола во двете мрежи, а приказната на денот беше дека малиот клуб од Валенсија успеа да го уништи сонот на Барселона за сезона без ниту еден лигашки пораз.


Леванте тргна силно уште од првата минута, а веќе во деветтата тие стигнаа во водство преку Емануел Боатенг, а во 30-та минута истиот играч го удвои водството. До полувремето Барселона среќно стигна до еден гол преку ударот на Кутињо, кој пред да заврши во мрежата удри во еден дефанзивец на Леванте.


Второто полувреме беше уште повозбудливо од првото, донесувајќи 6 гола и голема неизвесност до самиот крај на натпреварот. Повторно Леванте почна посилно и македонскиот репрезентативец Енис Барди на двапати, еднаш во 46 и еднаш во 56 минута, и еднаш Боатенг во 49 минута, постигнаа голови за да донесат водство од 5:1 на домашниот тим. Барселона оттаму мораше да брка резултат и за волја на вистината успеа да постигне 3 гола, но тоа не беше доволно за да се избегне пораз на стадионот Сиутат де Валенсија.


Барселона веќе ја осигура титулата во Ла Лига и затоа во овој натпревар одмараше Лионел Меси. Каталонскиот тим е на врвот на табелата со 90 поени, 12 повеќе од Атлетико Мадрид кој се наоѓа на второто место.


[назад]
loading...
Коментари