Фудбалски спектакл на „Театарот на соништата“

Вторник, 05 Март 2013 | Прочитано 257 пати.

Вечерва ќе бидат познати првите двајца патници во четвртфиналето на Лигата на шампионите, а иако се очекува крајно интересен дуел во Дортмунд помеѓу Борусија и Шахтјор, јасно е дека во центарот на вниманието ќе се најде пресметката на гигантите во Манчестер, по која еден славен клуб ќе го заврши својот настап во ЛШ оваа сезона.

Поради резултатот 1:1 со кој заврши првиот меч во Мадрид, минимална предност има домаќинот на оваа средба Манчестер Јунајтед, но Реал е исклучително опасен, формата му е во подем, а самодовербата на највисоко ниво, особено по двете победи над Барселона.

Мечот со нетрпение се очекува и поради тактичкото надмудрување, на според многумина двајцата најдобри светски тренери – Алекс Фергусон и Жозе Мурињо, но и поради враќањето на Кристијано Роналдо на местото каде ја стекна фудбалската слава.

„Во вторник целиот свет ќе го гледа овој натпревар. Ова не е обичен натпревар, делува како да е финале. Ќе видиме кои два тима ќе играат на „Вембли“, но се сомневам дека очекувањата ќе бидат поголеми него што се за овој дуел“, изјави стратегот на Реал, Жозе Мурињо.

Португалецот меѓу играчите кои пристигнаа во Манчестер го има и Икер Касиљас, кој се опорави од повредата, но голот на Реал и на оваа средба ќе го брани Диего Лопез. Морињо мал проблем има со традицијата, никогаш не победил на „Олд Трафорд“ во Лигата на шампиони, со Порто играше нерешено, а со Интер загуби.

Менаџерот на Јунајтед Алекс Фергусон ќе може да смета на Робин ван Перси, но од тимот, поради повреда ќе отсуствува Фил Џонс.

„Нема да биде лесно, Кристијано секоја недела игра добро. Искуството со кое младиот Рафаел се стекна во првото полувреме на мечот во Мадрид многу ќе му помогне бидејќи и во вторник ќе ја има истата задача. Мислам дека не треба да се плашиме. Доколку во натпреварот влезе отповарени со тоа што може Роналдо да направи, тогаш ќе ги заборавиме работите кои ние можеме да ги направиме“, изјави Фергусон.

Во сенка на Јунајтед и Реал е реваншот помеѓу Борусија и Шахтјор, на кој двете екипи влегуваат исто така со реми од првиот дуел. Реми од 2:2 кое секако е подобро за „милионерите“, кои веруваат дека пред своите навивачи вечерва ќе го прослават пласманот меѓу најдобрите осум европски екипи.

[назад]
loading...
Коментари