Игуаин и Дибала го однесоа Јувентус во четвртфинале (ВИДЕО)

Среда, 07 Март 2018 | Прочитано 439 пати.

Тотнем играше, Јувентус победи, типичен италијански триумф. Блескави три минути за пресврт и победа од 2-1 во Лондон која го носи италијанскиот тим меѓу осумте најдобри во Лигата на шампионите.


Тотнем имаше повеќе од играта, напаѓаше, креираше повеќе можности, а на Јувентус му требаа само неколку минути за да направи комплетен пресврт и да забележи голема победа која го носи во четвртфиналето од Лигата на шампионите.


Натпреварот почна со 2-2 од Торино, резултат кој повеќе му одговараше на Тотнем, но и покрај тоа домаќинот почна офанзивно, а Јувентус беше тој кој се бранеше.


По неколкуте полушанси, Сон погоди во 39. минута за водство на Тотнем од 1-0, на Јувентус му беа потребни два гола за да оди понатаму.


Изгледаше дека домаќинот го има натпреварот под контрола, но следуваа три минути на Јувентус кои го сменија натпреварот.


Најпрво Игуаин во 64. минута по асистенција од Кедира го изедначи резултатот на 1-1, а во 67. минута Дибала погоди за комплетен пресврт и водство на Јувентус од 2-1.


Шокиран од пресвртот Тотнем до крајот не можеше против добрата одбрана на Јувентус, ја погодија еднаш стативата, но тоа беше се што направија.


Тотнем остави подобар впечаток во двомечот, но искуството на крајот пресуди и Јувентус е во четвртфиналето.


Со ист резултат заврши и вториот натпревар, Манчестер Сити загуби на свој терен од Базел со 2-1, но благодарение на победата од 4-0 во првиот меч оди понатаму.


Сити поведе со гол на Габриел Жесус уште во осмата минута, Елонузи и Ланг реализираа за победа на Базел од 2-1.


[назад]
loading...
Коментари