Лидс соопшти: Заврши сезоната за Алиоски

Вторник, 23 Апр 2019 | Прочитано 270 пати.

Лидс ги потврди стравувањата по синоќешната повреда на Езгјан Алиоски, Македонецот го оштетил менискусот на коленото, ќе оди под нож и ќе паузира од шест до осум недели.

Заврши сезоната за Езгјан Алиоски, повредата која ја заработи вчера против Брентфорд е сериозна. Лидс попладнево соопшти дека популарниот Џани го оштетил менискусот на коленото и мора да оди под нож.

„Репрезентативецот на Македонија денеска ќе биде опериран и се очекува да биде надвор од стројот помеѓу шест и осум недели“ – се вели во известувањето.

Па „белите“ ќе треба да бркаат промоција во елитата без помошта на Езгјан Алиоски, кој до сега има 90 настапи за Лидс, постигна 14 погодоци и забележа 11 асистенции.

„Разочарани сме од информациите дека Џани нема да игра повеќе оваа сезона. Цела година покажуваше со каков квалитет располага, играјќи на различни позиции. Тој е популарен лик во клубот, секогаш ги става соиграчите на прво место и дава пример за младите играчи“ – рече директорот Виктор Орта.

Вестите не се лоши само за Лидс туку и за репрезентацијата на Македонија. Селекторот Игор Ангеловски нема да може да смета на Езгјан Алиоски за дуелите со Полска и Австрија во јуни во рамките на квалификациите за Европското првенство.

[назад]
loading...
Коментари