ЛШ: Меси отвори, Ибра возврати, на крајот 2-2... Џиџи Буфон го почести Баерн за 2-0

Среда, 03 Апр 2013 | Прочитано 211 пати.


Пари Сен Жермен во последната минута од судиското продолжение (94.минута) се спаси од пораз на „Паркот на принцовите“ (2-2) против Барселона, откако Матуиди, успеа со помош на одбранбените фудбалери на каталонскиот тим да го совлада Виктор Валдес и да донесе реми пред гостувањето на „Камп Ноу“. Најголемата грижа за Тито Виланова сепак ќе биде здравствената состојба на Лионел Меси кој беше заменет на полувремето, поради повреда на бутниот мускул.
Сепак, Меси успеа во првите 45 минути да се запише во листата на стрелците. По одличното проигрување од Дани Алвеш во 38.минута, тој го надмудри Сиригу и го отвори резултатот.

Во вториот дел, Барселона имаше две убави шанси преку Санчез да го зголеми водството, но не успеа, а тоа го казни Златан Ибрахимовиќ. Тијаго Силва шутираше и го погоди дирекот, а Ибракадабра од офсајд позиција ја затресе мрежата на Валдес. Погодокот беше признат, а на семафорот беше означена 79.минута.
Барселона не застана, тргна да победи и во 89.минута беше на прагот на триумф, по пеналот што го реализира Чави Хернандез. Претходно, голманот на ПСЖ, Сиригу, го собори во шеснаесетникот Алексис Санчез. 

Но, и тоа не беше крај на овој интересен натпревар. Во последната минута од продолжението, Матуиди упати удар од 16 метри, топката зафати еден од играчите на Барселона на патот кон голот, го изненади Валдес и влезе во мрежата.               

Фудбалерите на Баерн Минхен обезбедија солидна предност од 2-0 против Јувентус пред реваншот во Торино, а за тоа треба најмногу да му благодарат на Џанлуиџи Буфон, кој во две ситуации не реагираше најдобро. Тоа Баварците умееја да го искористат. Уште на самиот старт Давид Алаба упати проектил од триесетина метри и го изненади искусниот голман на Јувентус. Баерн Минхен веднаш поведе со 1-0. 


Антонио Конте и покрај најавите дека ќе го почне мечот со Мирко Вучиниќ, сепак, се реши за Квалјарела и за Матри во нападот, но „старата дама“ речиси и да беше безопасна по голот на Нојер. 

Во второто полувреме, Буфон повторно беше несигурен, одби една топка што одеше кон неговиот гол, тука се најде Манџукиќ, го проигра Милер на кого не му беше тешко од три метри да ја затресе мрежата. 

Конте дури тогаш се реши за првиот напаѓачки тандем, Вучиниќ - Џовинко, но одбраната на Баерн Минхен не дозволи да прими гол пред реваншот.
 

[назад]
loading...
Коментари