Мајами продолжува да ги меле противниците, Лејкерси на 50 проценти

Понеделник, 04 Март 2013 | Прочитано 292 пати.

НБА шампионот Мајами хит со 99-93 славеше на гостувањето против Њујорк никс и дојде до 14 победа во низа, со што го израмни клупскиот рекорд. Иако домаќините на полувремето водеа со 59-45, а на моменти имаа и предност од 16 поени, вториот дел од средбата помина во знакот на Лебон Џејмс, кој до крајот постигна вкупно 29 поени, 11 скокови и 7 асистенции. Голема помош доби од Двејн Вејд (20 поени, 8 скока, 8 асистенции) и Крис Бош (16 поени).

Кај Никси најпрецизен беше Кармело Ентони со 32 поени, но ѕвездата на Њујорк постигна само 8 поени во последните две четвртини.

Во дербито на Западот, Оклахома во „Стејплс центар“ славеше над ЛА Клиперс с 108-104. Предводник на победата на „Громовите“ беше Кевин Дурент со 35 поени, додека Вестбрук придодаде 29 поени, со 9 асистенции. Крис Пол беше најрасположен за игра кај домаќините со 26 поени и 8 асистенции.

Неколку часа подоцна на истиот терен ЛА Лејкерси славеа над Атланта со 99-98 и прв пат по подолго време дојдоа на 50-процентен учинок сезонава (30-30). Сепак, тие се и натаму на непосакуваното 9. место во Западната конференција, а Хјустон им бега три победи.

Најзаслужен за триумфот на домаќините е Коби Брајант со 34 поени, а добра партија имаше и ветеранот Стив Неш со 15 поени и 9 асистенции.
Резултати: Њујорк - Мајами 93-99, ЛА Клиперс - Оклахома 104-108, Вашингтон - Филаделфија 90-87, Орландо - Мемфис 82-108, Сакраменто - Шарлот 119-83, Хјустон - Далас 136-103, Сан Антонио - Детроит 114-75, Индијана - Чикаго 97-92, ЛА Лејкерс - Атланта 99-98.

Вечерва играат: Кливленд - Њујорк, Милвоки - Јута, Њу Орлеанс - Орландо, Минесота - Мајами, Денвер - Атланта, Портланд - Шарлот и Голден стејт - Торонто.


[назад]
loading...
Коментари