Нова сезона, нови правила

Петок, 02 Авг 2019 | Прочитано 128 пати.

Почетокот на новите сезони во најелитните фудбалски првенства ќе значи и имплементација на нови правила кои се прифатени од официјалното тело ИФАБ и ќе бидат користени од ФИФА во целиот свет.


Дел од нив имаат поголемо значење и ќе донесат видливи промени, а факт е дека останатите се повеќе тривијални, но сепак фудбалерите ќе мора да ги знаат.


– Во ситуација кога има прекин по кој треба да се врати топката на противникот, судијата сега директно ќе му ја враќа топката на тимот кој ја имал пред прекинот, а противничките фудбалери треба да бидат оддалечени најмалку 4 метри. Со тоа ќе се избегне евентуално недоразбирање и дуел меѓу играчи од двата тима, па и губење време со враќање на топката подалеку кон голманот. Судијата ќе му ја врати топката на голманот, само ако прекинот се случи додека топката е во противничкиот шеснаесетник. Важна промена е ситуацијата во која топката го удира судијата и завршува кај противничкиот тим, а сега топката ќе му биде вратена на тимот кој бил во напад, додека нема да биде признат евентуален гол ако топката се одбие од судијата и заврши во голот.


– Најконтроверзните моменти се случуваат со одлуките за играње со рака. Секое намерно играње со рака останува недозволено, а судијата ќе досуди топка за противникот или пенал кога: топката ќе заврши во гол откако некој од тимот што напаѓа играл со рака, без разлика дали намерно или случајно (голот на Љоренте против Манчестер Сити), фудбалерот ќе дојде до топката или ќе проигра соиграч откако играл со рака или дланка, раката е подигната над рамо и кога со раката неприродно се зголемува обемот на топката. Судијата нема да санкционира играње со рака: кога топката завршила во рака по удар на самиот фудбалер или од противник кој се наоѓа многу блиску до него, кога раката е блиску до телото и не го прави неприродно поголемо, кога фудбалерот паѓа и ја користи раката за поддршка на своето тело.


– Голманите можат да ја изведат топката со додавање на соиграч во шеснаесетникот, додека противниците се уште мора да бидат надвор од шеснаесетте метри.


– Кога екипата која се брани има три или повеќе играчи во живиот ѕид, противник не смее да стои поблиску од еден метар до ѕидот. Ако се случи такво нешто, топката ќе му биде доделена на тимот кој се брани.


– Екипа може набрзина да изведе слободен удар, без разлика дали судијата сака да додели жолт или црвен картон. Ако има таква намера, картонот може да го додели по завршувањето на акцијата. Досега судиите не дозволуваа изведување додека не го доделат картонот. Интересна е промената која вели дека ако играч треба да добие црвен картон затоа што намерно ја прекинал противничката акција, ќе добие само жолт картон доколку противникот изведе брз слободен удар, бидејќи ќе се смета дека акцијата сепак е продолжена.


– Во однос на пеналите, фудбалерите не смеат да шутираат додека голманите ја допираат рамката на голот или мрежата или доколку голот и мрежата се движат од претходен контакт. Голманите сега мораат да газат на гол-линијата само со една нога, но повторно не смее целосно да биде пред или зад гол-линијата. Напомена од одговорните е дека ВАР нема да се користи за проверка, туку самите судиите ќе треба да направат проценка. Уште една промена е што фудбалер може да изведе пенал иако бил повреден при стартот со кој е направен пенал, но само ако лекарската интервенција трае кратко. Досега повредениот фудбалер мораше да ја напушти играта и да чека продолжување за да се врати на теренот.


– Замените треба да се прават побрзо, затоа што фудбалерите ќе треба да ја напуштат играта онаму каде што се наоѓаат и не треба да доаѓаат на средината на теренот. На овој начин ќе се избегне задржување на времето. Судијата може лесно да додели жолт картон доколку процени дека фудбалерот намерно оди кон средината за да задржи време.


– Официјалните лица, вклучувајќи ги и тренерите ќе добиваат жолти и црвени картони, а доколку некој од клупата направи проблем а не е идентификуван од судиите, картонот ќе го добие тренерот.


– Фудбалерите ќе добиваат картон доколку го соблечат дресот или слават на недозволено место дури и ако голот биде поништен.


– Капитенот кој ќе „победи“ при фрлањето на паричката ќе може да одбере дали неговиот тим ќе бира страна или ќе го има првиот напад. Досега капитенот можеше само да избере страна.


Правилата стапија на сила на 1. јуни годинава и дел од нив веќе беа испробани на женското Светско првенство и на Копа Америка.

[назад]
loading...
Коментари