Останаа уште две карти за четврт-финалето

Среда, 13 Март 2019 | Прочитано 170 пати.

Вечерва ќе бидат познати последните два тима што ќе играат во четврт-финалето, во Лигата на шампионите. На програмата се натпреварите во Минхен и Барселона, помеѓу Баерн и Ливерпул, односно Барселона и Олимпик Лион.

Првите натпревари завршија со идентичен резултат 0:0, што гарантира доза на неизвесност во Минхен и Барселона.

Само еднаш во европските купови досега се сретнале Баерн и Ливерпул. Во 2001 година во Суперкупот на Европа, во Монако, Ливерпул славеле со 3:2. Актер на тој меч бил и актуелниот тренер на Баерн, Нико Ковач.

Формата на Баерн оди во нагорна линија, што покажуваат резултатите во Бундеслигата, а во прилог на Баварците им оди и лошата статистика што ја има тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, кога водел тимови против Баерн во Минхен. Клоп забележал девет порази.

Уште една традиција е на страната на Баерн. Баварците во претходните седум сезони, секогаш ја минувале осмина-финалната рунда.

Барселона пред своите навивачи ја има фаворитската улога против Лион, а сигурно е дека Меси и соиграчите ќе бидат внимателни со оглед на тоа какви изненадувања се случија во оваа фаза од Лигата на шампионите.

Лион има талент и квалитет да приреди изненадување, тоа го покажаа и во фазата по групи кога славеа во Манчестер, против Сити со 2:1.

Пред една деценија, по ремито во Лион, Барса славела во реваншот со 5:2.

Пласман во четврт-финалето досега обезбедија: Ајакс, Порто, Тотенхем, Манчестер сити, Јувентус и Манчестер Јунајтед.

[назад]
loading...
Коментари