Победа на Рома, Тоти втор на вечната листа на стрелци во Серија А

Понеделник, 04 Март 2013 | Прочитано 229 пати.

Рома синоќа со 3-1 ја совлада Џенова во последниот дуел од 27. коло во италијанскиот шампионат, а славјето на „Олимпико“ во Рим го најави капитенот Франческо Тоти, кој го постигна 225. кол во Серија А, искачувајќи се на второто место на вечната листа на стрелци.

Иконата на „римската волчица“ се изедначи со легендарниот Швеѓанец Гунар Нордал, кој во 50-те години од минатиот век ги бранеше боите на Милан. Рекордот во Серија А со 275 постигнати гола го држи Силвио Пиола, кој настапувал од 1929 до 1954.
Тоти го отвори резултатот во 16. минута од пенал, Бориело исто така од 11. метри израмни на 1-1 (42’), а победата на домаќините ја обезбедија младиот Ромањоли (58’) и Перота (88’). Гостите средбата ја завршија со фудбалер помалку по исклучувањето на Јурај Кучка во 78. минута.

По триумфот Рома се искачи на 7. место со 43 бода, додека Џенова е 17. со 26 бода, пет над опасната зона за испаѓање. Водечки е Јувентус со 59, пред Наполи со 53, а потоа следат Милан (48), Интер и Лацио по 47, и Фиорентина со 45.


[назад]
loading...
Коментари