Почнува Купот на нации на Африка, полн со ѕвезди на светскиот фудбал

Петок, 21 Јун 2019 | Прочитано 229 пати.

Со мечот Египет – Зимбабве, утре, во Каиро (Египет), почнува 32-то издание на фудбалскиот Куп на нации на Африка, прво што ќе се игра во јуни и во јули (досега се играше во јануари и во февруари) и прво на кое ќе играат 24 репрезентации (досега настапуваа по 16 селекции). Титулата ќе ја брани Камерун, дебитанти ќе бидат Мадагаскар, Мавританија и Бурунди. Најуспешна репрезентација е Египет со седум титули, пред Камерун со пет, Гана со четири итн.


На стадионите во Египет и покрај нив ќе можат да се видат повеќе ѕвезди на светскиот фудбал. Така, европскиот првак Ливерпул ќе има тројца претставници, и тоа предводникот на Египет, Мохамед Салах, потоа Садио Мане од Сенегал, како и Наби Кеита од Гвинеја. На првенството ќе настапат и, на пример, напаѓачот на Камерун од ПСЖ, Ерик Чупо-Мотинг, потоа Алжирецот Ријад Марез, напаѓач на англискиот првак Манчестер сити, Кениецот Виктор Ванјама, плејмејкер на европскиот вицешампион Тотенхем, Мароканецот Хаким Зијеч од средниот ред на Ајакс, од тој клуб и голманот на Камерун, Андре Онана итн.


На селекторските клупи, пак, се на пример кај Тунис Французинот Ален Жирес (европски првак од 1984 година, а како селектор бронза со Мали на Купот на нации во 2012-та), кај Танзанија Нигериецот Емануел Амунике (истакнат репрезентативец, првак на Африка од 1994-та, а како тренер светски првак од 2015 година со селекцијата до 17 години на Нигерија), кај Камерун Холанѓанецот Кларенс Сидорф (своевремено европски првак со Ајакс, Реал Мадрид и со Милан), кај Мароко Французинот Ерве Ренар (ќе се обиде со трета репрезентација да стане првак на Африка, откако претходно успеа со Замбија во 2012 година и со Брегот на Слоновата Коска во 2015 година), кај Египет Мексиканецот Хавиер Агуире (со Мексико првак на Северна Америка пред десет години) итн.


На Купот на нации ќе настапат петте репрезентации од Африка што лани играа на Светското првенство во Русија – Египет, Мароко, Нигерија, Сенегал и Тунис.
Ова е третото континентално првенство што е во тек, откако претходно почнаа шампионатите на Северна и на Јужна Америка, а четврто годинава, бидејќи во јануари се играше и првенството на Азија.




ДОСЕГАШНИ ПРВАЦИ НА АФРИКА
Египет 7 1957, 1959, 1986, 1998, 2006, 2008, 2010
Камерун 5 1984, 1988, 2000, 2002, 2017
Гана 4 1963, 1965, 1978, 1982
Нигерија 3 1980, 1994, 2013
Брегот на СК 2 1992, 2015
ДР Конго 2 1968, 1974
Замбија 1 2012
Тунис 1 2004
Судан 1 1970
Алжир 1 1990
Етиопија 1 1962
Мароко 1 1976
Јужна Африка 1 1996
Конго 1 1972

[назад]
loading...
Коментари