Ранетите „ѓаволи” на невозможна мисија во Париз

Вторник, 05 Март 2019 | Прочитано 120 пати.

Екипата на Пари Сен Жермен има огромна предност во пресрет на реванш дуелот со Манчестер јунајтед, што утре ќе се одигра на „Паркот на принцевите”.

На првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите, ПСЖ го совлада Јунајтед со 2:0, обезбедувајќи одличен резултат кој само треба да биде потврден пред своите навивачи. Затоа францускиот шампион е во улога на апсолутен фаворит за триумф и на возвратната средба.

Покрај лошиот резултат остварен на „Олд Трафорд”, „ѓаволите” ги мачи и тоа што вкупно 10 фудбалери се жалат на повреда и нема да бидат во списокот на тренерот Оле Гунар Солшер за вечерашниот дуел. Ерера, Лингард, Мата, Матиќ се само дел од играчите што се во процес на лекување, а право на настап нема ниту најскапиот фудбалер на тимот Пол Погба, кој е казнет поради црвен картон.

Но, и покрај крајно лошата ситуација со составот, Солшер изјави дека нема намера предвреме да се предава на гостувањето во Париз, а во прилог му оди и серијата од осум победи по ред на гостински терен, што е рекорд во историјата на тимот.

Состојбата со повредените фудбалери не е идеална ниту во ПСЖ. Ќе недостасуваат Кавани и Нејмар, двете најголеми ѕвезди од тимот. Но, Уругваецот и Бразилецот не играа ниту во Манчестер, па и без нив ПСЖ се покажа како поквалитетна екипа од англискиот состав.

Голема возбуда се очекува и на преостанатиот осминафинален дуел, закажан за во стандардниот термин од 21 часот. Порто ја пречекува Рома, која во Португалија отпатува со предност од 2:1.

[назад]
loading...
Коментари