Вестбрук се изедначи со Џејсон Кид, на ред е Меџик Џексон

Четврток, 29 Ное 2018 | Прочитано 84 пати.

Проектилите на Демијен Лилард, доминантната претстава на Јанис Адетокумбо и 107 трипл – дабл на Расел Вестбрук ја одбележаа минатата ноќ во НБА лигата.

Екипата на Портланд славеше во дуелот против Орландо со 115:112 во натпреварот во кој Лилард постифна десет тројки и запиша 41 поен, осум скокови и четири асистенции. Покрај него, во победничкиот тим одлична партија имаа и Ник Стаускас со 18 поени, како и Јусуф Нуркиќ со 16 коша и 13 скокови, додека на спротивната страна Никола Вучевиќ запиша 20 поени.

Импресивен повторно беше Јанис Адетокумбо во победата на Милвоки над Чикаго од 116:113. Гркот постигна 36 поени, 11 скокови и осум асистенции.

Расел Вестбрук, пак, го забележа 107-от трипл – дабл во кариерата, трет на последните четири натпревари, во победата на Оклахома над Кливленд со 100:83. Вестбрук запиша 23 поени, 19 скокови и 15 асистенции. Со новиот трипл – дабл Вестбрук се изедначи со Џејсон Кид на третото место на сите времиња, а пред нив се само Меџик Џексон со 138 и Оскар Робертсон со 181. Меѓутоа, на Кид му беа потребни дури 1.247 натпревари за да дојде до таа бројка, додека Расел има само 760 натпревари.

Исто така и Лука Дончиќ продолжува да блеска во својата прва НБА сезона, откако го предводеше Далас до убедлива победа над фаворитот Хјустон со 128:108. Дончиќ запиша 20 поени, шест скокови и две асистенции. Тинејџерот од Словенија десетти пат од 18 натпревари го заврши мечот со најмалку 20 поени.

Резултати: Шарлот – Атланта 108:94, Филаделфија – Њујорк 117:91, Бруклин – Јута 91:101, Хјустон – Далас 108:128, Милвоки – Чикаго 116:113, Минесота – Сан Антонио 128:89, Њу Орлеанс – Вашингтон 125:104, Оклахома – Кливленд 100:83, Портланд – Орландо 115:112, ЛА Клиперс – Феникс 115:99.

[назад]
loading...
Коментари