Циклонот Гита ја опустоши островската држава Тонга

Вторник, 13 Фев 2018 | Прочитано 142 пати.

Малата островска држава Тонга во Тихиот Океан е опустошена од тропскиот циклон Гита, кој ги погодил островите минатата ноќ.


Според медиумите во Нов Зеланд, циклонот бил од четврта категорија, а налетите на ветрот во епицентарот достигнувале брзина од 54 метри во секунда, или над 200 километри на час. Околу 70 отсто од домовите и објектите во Нуку’Алофа – главниот град на Кралството Тонга, се целосно или делумно урнати. На повеќето места по островите нема струја. Паднати се многу дрва и електрични столбови.


Тонга се состои од околу 170 острови, оддалечени еден од друг десетици и стотици километри во југозападниот дел на Тихиот Океан, со вкупна површина од околу 750 километри квадратни и со население од 107.000 лица. Повеќе од 70 отсто од населението живее на главниот остров Тонгатапу, кој најмногу е погоден од невремето.


За жртви и сериозно поведени лица засега нема информации, но десетици луѓе побарале медицинска помош.


Циклонот продолжува да се засилува, се движи кон запад и се очеква оваа ноќ да ги погоди јужните острови на архипелагот Фиџи, но да го избегне главниот град Сува и големите градови рапоредени на северните острови.

[назад]
loading...
Коментари