Демократијата ги изневери граѓаните низ целиот свет

Среда, 26 Јун 2019 | Прочитано 146 пати.

Само половина од светското население верува дека нивната земја е демократска, според анкета објавена вчера.


Многу државјани од Западна Европа ги гледаат банките и социјалните мрежи како закана за демократијата, објави Ројтерс.


Истражувањето, кое меѓу 150.000 жители од 57 држави го спроведе фирмата Далиа рисрч со фондацијата Сојуз на демократии, покажа дека дури и во демократиите, 38 отсто од граѓаните се незадоволни од ситуацијата.


„Во моментов, најголем ризик за демократиите е тоа што јавноста повеќе не ги смета за демократски“, рече Ники Џасперс, извршен директор на Далиа рисрч.


Испитаниците во САД се поделени околу тоа дали нивната земја е демократска - 46 проценти одговориле потврдно, а 40 отсто сметаат дека не е доволно демократска.


Повеќе од половина од анкетираните Американци рекле дека САД имале позитивно влијание врз демократиите во светот, иако повеќето од западните земји, како што се Канада и поголем дел од Европа, веруваат дека ова влијание е негативно.


Во Европа 52 отсто од граѓаните веруваат дека Европската Унија не работи во интерес на мнозинството Европејци, при што повеќето критики доаѓаат од Италија, Франција и Грција.


Повеќето Европејци сметаат дека банките и финансиската индустрија имаат негативно влијание врз демократијата во нивните земји, при што најмногу критики изнесуваат Грците, една деценија по должничката криза, која многу од нејзините граѓани ги турна во сиромаштија.


На глобално ниво 52 проценти сметаат дека нивната земја не е подготвена за уште една финансиска криза.


Повеќе од 40 отсто од испитаниците во САД, Канада и Австрија велат, меѓу другото, дека социјалните мрежи, како што се Фејсбук и Твитер, имаат негативно влијание врз демократијата.

[назад]
loading...
Коментари