Најголема полициска операција во Брисел поради Самитот на НАТО

Вторник, 10 Јул 2018 | Прочитано 197 пати.

Бриселчаните се навикнати на доаѓањето на високи делегации, бидејќи седиштата на ЕУ и на НАТО се во градот. Но, доаѓањето на американски претседател е секогаш предизвик за бриселската полиција и за граѓаните кои се соочуваат со сообраќаен метеж.


– Од денеска, па до петок бриселската полиција ја организира својата можеби најголема операција во последните години, изјави за белгиските медиуми Илзе Ван Де Кере, портпаролка на бриселската полиција.


Цел на операцијата е непречено одвивање на самитот на НАТО и неговите илјадници високи гости, непречено гледање на полуфиналната фудбалската утакмица Белгија – Франција, но и непречено одвивање на празникот на белгиската фламанска заедница на 11 јули.


Самитот на НАТО почнува во среда наутро и ќе заврши во четврток попладне. Делегациите на 55 земји веќе почнаа да пристигнуваат во Брисел.


Најголемиот стрес за бриселската полиција е обезбедувањето на сите лидери што пристигнуваат во градот но пред се барањата што ги поставува обезбедување на американскиот претседател.


Доналд Трамп пристигнува во вторник вечер со престедателскиот авион „Ер форс уан“ (Air Force One) – подобрена и покомфорна верзија на Боинг 747.


Доаѓањето на Трамп во Брисел веќе предизвика протести. Во саботата протестираа околу 1.500 лица против политиката на Трамп, а протест е најавен и за среда, во близина на локацијата на која ќе се одржува вечерата на која ќе присуствува и Американецот. Полицијата дозволи граѓанскиот протест да се одржи во форма на долг седечки ланец. Но, присиството на полицијата е неопходно.


Многу улици низ градот ќе бидат затворени за сообраќај, особено оние што се на патот кон НАТО или во близината на амбасадата на САД каде што Трамп ќе преспие заедно со сопругата Меланија.


– Повеќе од 2.400 полицајци и околу 1.000 војници ќе бидат мобилизирани за да се обезбеди самитот и целата логистика, изјави премиерот на Белгија, Шарл Мишел.


А тука е и фудбалот. Белгија првпат од 1986 година влезе во полуфинале на Светскиот фудбалски куп. Вечерва Белгија игра со својот прв сосед Франција.

[назад]
loading...
Коментари