Новичок може да ги задржи својствата и до 50 години, тврди британската полиција

Среда, 11 Јул 2018 | Прочитано 148 пати.

Помошникот шеф на британската полиција задолжен за анти-тероризам, Нил Бејс, изјави дека нервниот агенс познат како новичок може да остане активен и до 50 години.


Тој наведе дека новичок може да остане активен толку време доколку се чува во запечатен канистер.


Бејс на жителите од местото Амсбери синоќа им рече дека полицијата трага по канистер со нервен агенс од кој се верува дека на 30. јуни беа отруени две лица.


„Би сакал да можев да ви кажам дека сме ги идентификувале и фатиле одговорните и дека сме сигурни дека никаде во Вилтшир нема траги од нервниот агенс. Меѓутоа, суровата реалност е дека во овој момент не може да понудиме никакви гаранции“, изјави Бејс.


Тој изрази надеж дека состојбата на една од жртвите, Чарли Роули, ќе се подобри и дека тој ќе биде во можност во полиција да каже детали за локацијата на канистерот.


Партнерката на Роули, Доун Старџис, почина од труење. Старџис и Роули беа пронајдени во саботата, без свест, пред куќа во Амсбери во јужниот дел на Англија, десетина километри од местото Салсбери, каде на 4. март поранешниот двоен шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија исто така беа пронајдени во несвест и затруени со отровот новичок.


Лондон потоа ја обвини официјална Москва дека стои зад труењето, наведувајќи дека во нападот се користел нервен гас развиен во СССР. Русија остро ги отфрли овие обвинувања, по што дојде и до заладување на дипломатските односи и протерување на дипломати.

[назад]
loading...
Коментари