Одмазда на хакерите поради апсењето на Асанж – 40 милиони сајбер напади врз Еквадор

Вторник, 16 Апр 2019 | Прочитано 493 пати.

Бројот на обидите за хакерски упади во системите на еквадорските државни институции откако Еквадор му го укина азилот на основачот на Викиликс се искачи на 40 милиони.

Според зборовите на заменик министерот за телекомуникации на Еквадор Патрисио Реал, од минатата недела кога Џулијан Асанж беше извлечен од еквадорската амбасада во Лондон, страниците на претседателството, Централната банка и министерството за надворешни работи на Еквадор, меѓу другите, се нашле на удар на 40 милиони обиди за хакерски упади.

Реал не обвини ниедна конкретна група за хакерските напади бидејќи е исклучително тешко да се идентификуваат потенцијалните напаѓачи. Меѓутоа, тој истакна дека хактивистичкиот колектив Анонимус ја објави заканата.

Тој додаде дека при обидите за упад не се украдени податоци, но дека е отежнат пристапот до страниците за работниците и граѓаните на Еквадор. Реал додаде дека Еквадор помош за безбедноста на интернетот ќе добие од Израел.

Лондонската полиција го уапси Асанж на 11 април, откако еквадорските власти му го укинаа азилот. Претседателот на Еквадор потоа го обвини австралискиот новинар дека амбасадата ја користел за шпионирање, а хакерската група Анонимус веднаш му се закани на Еквадор дека ќе го нападне.

[назад]
loading...
Коментари