Потрагата по жртвите од авионската несреќа во Русија може да потрае со денови

Понеделник, 12 Фев 2018 | Прочитано 254 пати.


Операцијата за пребарување во со снег покриеното подрачје надвор од Москва каде што вчера дојде до авионска несреќа во која загинаа 71 лице, би можело да потрае неколку денови.





„Работата на местото на настанот се одвива 24 часа“, им изјави денеска на новинарите министерот за вонредни состојби Владимир Пучков.


Тој додаде дека операцијата за пребарување е отежната поради тоа што остатоци од авионот биле расфрлани низ голема површина.


Во текот на вчерашниот ден беа пронајдени само две тела.


Потрагата е отежната и поради изобилните врнежи од снег како и тешко пристапниот терен.


Околу четиристотини припадници на спасувачките екипи се на местото на несреќата.


Министерството за вонредни состојби соопшти дека била пронајдена една од таканаречните „црни кутии“, но не прецизира дали станува збор за снимени податоци за летот или за снимени разговори.


Авионот од типот Антонов 148 на компанијата „Саратов ерлајнс“, исчезна од радарските екрани веднаш по вчерашното полетување од аеродромот Домодедово во Москва до Орск на Урал.


Според некои наводи, авионот почнал да се спушта по илјада метри во минута и тоа пет минути по полетувањето.


Остатоци од авионот биле пронајдени на околу 40 километри од аеродромот.


Роман Пулнов, локален жител, вели дека не слушнал кога се урнал авионот:


„Не можам да одговорам, не слушнав никаква експлозија или паѓање, ништо не слушнав".


Тој додаде дека било добро барем тоа што авионот не паднал врз куќите во селото.


Надлежните соопштија дека никој од шеесет и петте патници и шестте членови на екипажот не го преживеале падот.


Повеќето од нив биле од Оренбург, каде што летал авионот.


Министерството за транспорт како можни причини ги разгледува временските услови и човечкиот фактор.


Елена Воронова, портпаролка на авиокомпанијата Саратов изјави дека екипажот бил искусен, а авион проверен и безбеден.


Портпаролот на Владимир Путин, Дмитриј Песков, рече дека претседателот им изразил длабоко сочувство на оние што ги загубија своите роднини во несреќата.


Путин го одложи планираното патување во Сочи на 12-ти февруари и наместо тоа ќе остане во Москва за внимателно да ја следи истрагата, рече Песков.




[назад]
loading...
Коментари