Пристигнува Флоренс, наредена евакуација на 1,5 милиони луѓе

Вторник, 11 Сеп 2018 | Прочитано 516 пати.

 Наредена е итна евакуација на 1,5 милиони луѓе од крајбрежните области на американските држави Северна и Јужна Каролина и Вирџинија поради ураганот Флоренс.


Вашингтон пост, наведе дека ваква обемна евакуација е наредена врз основа на искуството од минатогодишната сезона на урагани што ги погодија Тексас, Флорида и Порторико.


Ураганот Флоренс додека се приближува кон источниот брег на САД продолжува да се засилува, како по обем, така и по сила, а според најавата на Националниот центар за урагани, бурата во текот на денот ќе се приближи до категорија пет.


Бура од петта категорија има потенцијал да предизвика катастрофални последици, наведе АП.


Од Националниот центар за урагани предупредуваат дека „постои силно убедување дека Флоренс ќе биде голем и крајно опасен ураган“.


Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп одобри прогласување на вонредна ситуација за Северна Каролина.


Претходно, гувернерот на Северна Каролина Рој Купер изјави дека „окото на ураганот“ ќе помине преку територијата на таа држава и ги повика жителите да се подготват за високи бранови, силни ветрови и поплави.



Гувернерот на Јужна Каролина Хенри Мекмастер нареди започнување на евакуација за денес напладне по локално време.


Одлуката се однесува на сите осум окрузи долж атлантскиот брег, вклучувајќи го и најголемиот град на таа држава, Чарлстон. Мекмастер процени дека околу еден милион луѓе ќе ги напуштат своите домови.



Гувернерот на Вирџинија Ралф Нортам нареди почетокот на евакуација за делови од државата кои се во ниски крајбрежни области, каде живеат 245.000 жители.


Тој го повика населението да се подготви за налет на ураган кој ќе го зафати целото подрачје на Вирџинија.



Максималната брзина на ветерот и понатаму не слабее и изнесува 220 километри на час.


[назад]
loading...
Коментари