Во племенски судири во Папуа Нова Гвинеја масакрирани деца и бремени жени

Среда, 10 Јул 2019 | Прочитано 100 пати.

Во судир на племиња кој резултирал со масакр во Папуа Нова Гвинеја меѓу убиените има и деца и трудници, јавува Би-би-си.


Повеќе од 20 луѓе се убиени во насилен судир меѓу племиња кој се случил пред неколку дена во покраината Хела.


Премиерот Џејмс Марапе изјави дека тоа бил „еден од најтажните денови“ во неговиот живот и вети дека ќе ги фати убијците.


Станува збор за еден од најголемите судири меѓу племињата во последните неколку години во Папуа Нова Гвинеја, а мотивот за убиствата сѐ уште не е јасен.


Сѐ уште се откриваат детали за трагичниот настан во овој одалечен крај, а администраторот на покраината Хела Вилијам Бандо кажа за Франс прес дека би можело да има уште мртви кои сѐ уште не се најдени.


Локалната телевизија ЕМТВ јави ека се случиле барем два инциденти во малите села во покраината.


Оваа недела седум луѓе, четири мажи и три жени, биле убиени во селото Мунима. Потоа во понеделникот 16 жени и деца биле измасакрирани во селото Карида, а меѓу нив биле и две трудници.


На Фејсбук беа објавени фотографии од масакрот на кои се гледаат тела замотани во ткаенина закачени на долги стапови.


Пилс Пимуа Коло, кој ги објави фотографиите на Фејсбук, кажа дека телата на некои од нив биле ичесени на парчиња додека одделни делови од телата биле непрепознатливи.


Во високиот и одалечен дел од Папуа Нова Гвинеја заедниците и понатаму живеат во племиња во мали села, кои не се поврзани со патишта.


Племенските судири околу границите, силувањата и кражбите се чести во овој дел од земјата. И иако овие судири траат со децении или векови, она што загрижува е порастот и интензитетот на насилствата кои ја шокираа земјата.


Откако во последните години почна да се користи автоматско оружје, насилството се влоши.


Според податоците на ОН, Папуа Нова ГВинеја е една од најсиромашните земји во Азија во која околу 40 отсто од луѓето живеат со помалку од долар на ден.

[назад]
loading...
Коментари